Cв. мач. Анастасиј (Спасо Радовишки)
21.08.2023 кога Света Црква го слави споменот на св. мач. Анастасиј (Спасо Радовишки), во храмот Света Троица во Радовиш, Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и свештенството на храмот, отслужи Божествена Литургија. На Литругијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата беше благословен и пресечен празничниот леб. Беседа изрече митроплитот г. Јосиф кој меѓу другото истакна: Историјата на христијанската црква низ времето до ден денес ни сведочи за бројни христијани, кои своите животи маченички ги положиле за Христа и за православната вера. Еден од тие христијански маченици е и светиот маченик Атанасиј (Спасо) Радовишки, кој на денешен ден пред точно 225 години, заради верата во Христа Господа, ја пролеал својата крв. Токму во чест и спомен на неговото страдание, денес сме собрани на ова литургиско свештенодејствие во неговиот роден град Радовиш, каде заедно со Вас радовишани велелепно го чествуваме Вашиот патрон и заштитник на градот. Јас ја имам честа денес од оваа свето место, по молитвите на нашиот новомаченик, да проговорам нешто за него и за мачеништвото. Како народ низ времето сме дале доста маченици за верата. Меѓу тие маченици, во диптихот на светиите се спомнува и новомаченикот Спасо од Радовиш. Не само денес, туку и во останатите денови од годината треба да си спомнуваме за новомаченикот Спасо Радовишки и на неговата маченичката смрт. Неговата голема вера и неговата истрајност и упорност треба да се наш мотив денес, во ерата на современото мачеништво. Ние во денешно време кога ќе го спомнеме зборот маченик, веднаш помислуваме дека тоа нема никаква врска со нас, дека маченици имало во минатото, дека мачеништвото е туѓо за нас во денешницата. Но тоа не е така! Како во минатото, така и денес – имаме маченици. Имаме крвно и бескрвно мачеништво. Крвно мачеништво особено било присутно во ранохристијанскиот период, во првите три века кога Црквата била гонета, а и денес сеуште имаме христијани, кои маченички го загубиле својот живот. Бескрвното, пак мачеништво е секое себежртвување. Во таа насока секој вистински христијан на еден начин е и маченик преку христијанскиот подвиг во својот живот. Секој од нас треба да си го земе својот маченички крст, дали преку бракот или пак преку монашкиот живот, секој треба искрено да прави жртва, да го поднесува страданието и ударите на животот. Светиот Тертулијан ни сведочи дека крвта на мачениците била семе, од кое никнувале нови и нови христијани. Всушност, мачеништвото е етос на Црквата, мачеништвото е начин на живот на Црквата. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на Вашиот надлежен архиереј, Митрополитот Брегалнички Иларион за поканата и за дадената можност денес да бидеме учесници во овој празничен собор помеѓу Вас радовишани. Нека е за многу години празникот! По молитвите на светиот маченик Спасо, Господи Исусе Христе, Боже наш помилуј нè и спаси!