Cветиот маченик Трифун
На 14.02.2023 година, на денот кога го празнуваме споменот на светиот маченик Трифун, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на повеќе свештенослужители, го изврши чинот на Мал водосвет, а потоа, според традицијата, беше закроено и манастирското лозјето. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна: ,,Светата Православна црква, секојдневно прославува по некој Божји угодник. Денес го прославува светиот маченик Трифун. Прославувајќи го денеска овој Божји маченик, нашата света Црква и вера нè поучува и од нас бара да се угледаме на силната и непоколеблива вера, како кај апостолите, така и кај овој Божји маченик. Од нас, ниту Црквата, ниту Господ Христос бара и очекува да бидеме маченици. Тоа не се бара бидејќи никој не нè прогонува и немаме потреба од такви подвизи. Но, не треба да заборавиме дека непријателот на човечката душа постојано нè искушува со разни соблазни и интриги за да нè оддалечи од Бога, од Црквата, од правдата, од вистината, од љубовта, и од сè она што нè води кон зададената цел. А тоа е, спасението на нашата душа. Да се обратиме со искрена молитва кон св. маченик Трифун, тој нека всади во нашите срца и во нашите души силна и непоколеблива вера. Денес овде во Лешочкиот манастир, го извршиме чинот на благословување и закројување на лозата и на таков начин го повикавме Божјиот благослов да пребива врз нашите плодови, но и врз трудот кој треба да го вложиме во обработувањето на производите. Денешниот ден да го поминеме молитвено, онака, како што прилега на вистински православни христијани, а не во ненаситно јадење и неумерено пиење, зашто таквите дела нам не ни приличат и спротивни се на Божјиот закон. Благословот од Бога и Црквата ќе го стекнеме само тогаш, кога нашата молитва ќе биде трезвена, разумна и срдечна, а не плитка и безумна. Токму затоа, Господ Бог нека го благослови разумното делото од нашите раце, кое ќе принесе плод достоен за Божја слава и за наша корист. Амин!"