Дваесет и осма Недела по Педесетница
17.12.2023 Дваесет и осма Недела по Педесетница, Св. вмч. Варвара и св. Јован Дамаскин, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Секој ден од нашиот живот се одвива според промислата Божја. Секој поминат ден ни напомнува дека сме должни да ја чуваме чистотата на нашата света вера и да ја поддржуваме светата соборна и апостолска Црква. Ние сме повикани на овој пат за да стасаме во вечен живот и да бидеме достојни наследници на Царството Божјо, што ни го приготвил нашиот Бог, доколку ги следиме и исполнуваме пораките и принципите што ни ги дал Господ преку Неговата света Црква. Ние од секој празник треба да извлечеме јасна поука како треба да живееме и како да постапуваме во нашиот живот, за да ја вратиме таа изгубена присност со Семоќниот и Семилостивиот Бог. Треба да се поучиме од денешното прочитано евангелие но и од животот на денешните светители кои ги празнуваме св. Јован Дамаскин и св. вмч. Варвара. Првите прародители отстапиле од заповедта Божја и добиле казна. Таа казна сите ние ја наследуваме по автоматизам, но од нас Црквата Божја бара да живееме според законите и прописите што ги наложува Словото Божјо. И тоа не само одлуките од Вселенските и помесните собори, туку треба да живееме според нашата совест, според пишаниот закон кој постои кај секој нормален и здрав човек. Престап или грев е грешење или работење против својата сопствена совест, бидејќи секој еден има всаден елемент кој ни зборува што е добро, а што лошо. Но, ние,
определувајќи се за лошото, за она што не е создадено од Бога, туку е создадено од нечестивиот, се навикнуваме да правиме грев, а со тоа се оддалечуваме од Бога, од Црквата и од Божјите угодници. Како што вели св. ап. Павле: „А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“ (Рим. 7,15). Во храмовите Божји ние имаме чест да се молиме. Молитвата е неопходен услов за добивање на благодатта Божја. И ние денеска се собравме во овој свет храм за да се молиме и принесеме бескрвна жртва. Во храмовите молитвено се соединуваат земната и небесната црква. Храмот не е само да не потсетува на историските настани, туку тој има и духовна сила бидејќи ни напомнува на зборовите на св. ап. Павле за тоа дека секој човек - „е храм Божји, и дека Духот Божји во нас живее.” Потребно е да градиме жив храм во нашите срца, во нашите души и да го сведочиме на секое место нашето вистинско православно исповедание онака како што сведочеле денешните светители кои ги празнуваме. По нивните молитви Бог да не помилува.