Дваесет и прва недела по Педесетница

17.11.2024 Дваесет и прва недела по Педесетница, во Соборниот храм ,,св. Кирил и Методиј"-Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија. По Божествената литургија, по повод големиот јубилеј 80 години од ослободување на Македонија, Митрополитот г. Јосиф отслужи Панихида за партизаните, бранителите и хероите на Македонија, кои ги положија своите животи за одбрана на татковината од фашистичкиот окупатор.
На светата литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. 
Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна: Пред да кажам некој збор за денешното прочитано евангелие, би сакал најпрво како ваш владика, во предвечерието на 18ти и 19ти Ноември, славните датуми кога се чествуваат Деновите на ослободување на нашите два града Гостивар и Тетово, да го честитам големиот јубилеј токму од тука, од срцето на нашата епархија, од амвонот на нашиот митрополитски соборен храм Св. Кирил и Методиј во Тетово. На 19 Ноември, пред цели 80 години и во оваа стара тетовска градска населба Два Бреста, но и во сите градски улички и сокаци, силно одекнуваа изблиците на радост за конечно изборената слобода, што и историски се покажала и како искористена можност за повторно обновување и на македонската државност.
Ме радува што младите генерации не ја заборават нашата историја, ги слават сите значајни датуми и државни празници што се дел од неа и не очекуваат друг да го направи тоа наместо нив. Премногу скапоцен дар е нашата татковина и нејзината слобода, зашто е дарувана од Бога поради љубовта, надежта и пожртвуваноста на нашите предци. Бог неа ја утврдил и закрепнал на каменот на силната вера на нашите татковци и дедовци, кои ни ја оставиле во наследство со завештание да ја чуваме. Колку само молитви, 
колку подвизи издигнати кон Бога, колку жртви и колку крв се принесени на олтарот за слободата на оваа земја Македонија, исполнета со
светињи, како небото со ѕвезди. Оваа земја е земја распната, но украсена со многу светии: со преподобни, праведни, маченици, 
новомаченици, учители, преродбеници, кои силно озарени од светлината на Христовото Воскресение, се покажале како
вистински проповедници и поттикнувачи на слободољубивиот
национален дух на овој народ. Драги браќа и сестри, нашиот Спасител Господ Исус Христос најголемиот дел од Своите беседи и поуки во вид на параболи, милувал да ги изговори пред народот. 
Една од таквите параболи е и онаа која ја прочитавме денеска за време на светата литургија овде во овој прекрасен соборен храм во Тетово, а тоа е параболата за сејачот и семето. Сејачот е Самиот Господ Исус Христос, додека, пак, семето е Неговото свето Евангелие. Тоа семе се сее и денеска, а ниви се срцата и душите на луѓето. Едни души се како земјиште покрај пат. По нив сите газат и го уништуваат посевот. Други се како камена подлога и ако никне семето, брзо се суши и угинува. Трети се како обраснати со трње, кои растат побрзо од семето и го задушуваат. Четврти, пак, се како добра почва, подготвена за сеидба и тие даваат плод. Значи, семето може да падне на различна подлога – на добра земја, но и на пат, на тврда подлога и меѓу трње. Тоа значи дека семето Евангелско е наменето за сите луѓе, а не само за некои кои се посебно избрани. Доколку Евангелското семе би било посеано само кај добрите луѓе, тогаш лошите би имале изговор дека тие и не слушнале за Евангелието, па својата пропаст би ја припишувале на Христа, а не на својата негрижа. Тоа, пак, што многу семиња пропаѓаат не е вина на сејачот, ниту на семето, туку на самите ниви, односно на самите луѓе што не ја прифаќаат Евангелската наука во нивните срца. Господ Исус Христос параболата ја завршил со зборовите: „Кој има уши да слуша нека чуе“! Тоа е повик за совест, но и опомена. Оти има слушање за кое нашиот народ вели: влегува низ едно и излегува низ друго уво. Но има слушање кое допира до срцето. Нека секој од нас одлучи, дали само површно ќе живее христијански и ќе го остави семето да биде изгазено во него, исколвано од демонските птици, ќе го угуши во трњето на световните минливи задоволства или со ангелска радост ќе го чува и расте до небесните височини на вечното Божјо Царство.