Дваесет и седмата недела по Педесетница
На 10.12.2023 година, во Дваесет и седмата недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова Литургија во храмот ,,Св. Атанасиј" во Лешочкиот манастир. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: ,,Денес на литургијата ѓаконот прочита еден прекрасен евангелски настан, кога Спасителот Христос ја пројавил Својата божествена љубов и неизмерна милост кон грешниот човечки род, кога го потенцирал значењето на човечкиот живот и кога ја обезличил фарисејската лицемерност и нивниот безумен формализам. Денес беше излечена една жена опседната од духот на немоќта осумнаесет години, која од тој огромен терет дури била и подгрбавена, така што дури и не можела да се исправи. Господ Исус Христос ја ослободил од нејзината претешка болест, а наместо ова восхитувачко чудо да ги исполни со радост срцата на сите присутни, се појавила една група на самољубци и лицемери, кои дури имале храброст да го обвинат Христа дека не смее во саботен ден да лекува болни. За сите нив, кои тогаш биле очевидци на ова чудо, и за сите подоцна кои приличат на нив во своите обвинувања кон Христа и сè што е Христово, Спасителот го употребил најсоодветниот термин – лицемери. Лицемерни се навистина сите оние луѓе, кои формално покажуваат љубов кон луѓето, а во своите души негуваат омраза и злоба. А оние што мразат, тоа се несреќни луѓе, бидејќи не живеат за да се радуваат во Господа, туку се радуваат кога луѓето страдаат, кога имаат потешкотии, кога боледуваат од разни болести и кога ќе им се случат и најнеубави работи. Господ Исус Христос, за оние кои се гневат, вели: Секој што се гневи, е братоубиец и човекоубиец, зашто ниту еден грев не се случува ненадејно, туку истиот најнапред се случува во нашите души, срца, чувства и умови, а дури потоа се случува и на дело. Поуката од денешното Светото Евангелие е дека ние секогаш треба да Му благодариме на Бога, како што Му заблагодарила оваа подгрбавена жена, која практично го претставува старозаветното човештво, односно луѓето од Стариот Завет, кои што гледале само кон земните и материјални богатства, и кон сè што е преодно.
Исто така, ние треба да знаеме дека не треба да ги осудуваме луѓето за нивните постапки, туку најнапред треба да погледнеме на нас самите, на нашиот живот, на нашите постапки, и никогаш да не бараме виновник во другиот за сè што се случува во овој свет, туку да ја бараме вината во себе, сметајќи се себе си за најгрешни и најнедостојни, само тогаш Господ ќе се смилува над нас. Денешното евангелие изнесува јасна слика на големото возвишено Христово човекољубие од една страна, и најлошото фарисејско-лицемерие и самољубие со завист и гнев.Нам ни припаѓа да одредиме по кој пат ќе одиме во животот. Ќе одиме ли по патот кој ни го одредил Бог, или ќе го прифатиме патот кој ни го нуди ѓаволот. Ќе одиме ли по патот на скромноста, понизноста и смирението, или ќе одиме по патот на лицемерието, гордоста и омразата. Ако тргнеме по Божјиот пат, живеејќи на земјата скромно, понизно и смирено, ќе се издигнеме до небесните и рајски височини и ќе ја достигнеме вистинската цел во животот – влезот во вечниот мир и блаженство. Ако, пак, тргнеме по патот на ѓаволот, по патот на лицемерието, гордоста и човечката суета, ќе стигнеме до пеколните бездни".