ДВАЕСЕТ И ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

22.12.2024 ДВАЕСЕТ И ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА. Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенство од Гостиварското намесништво, отслужи света Божествена Литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар. На литургијата верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна: Денес навистина ѓаконот ни прочита една прекрасна парабола. Од Евангелието ја чувме параболата изговорена од устата на Спасителот, за богатиот човек, на кого нивата му беше родила многу. Гледајќи го изобилието на плодови, тој почнал да размислува што да направи, како да се справи со новата ситуација, како да го складира обилниот род, бидејќи неговите дотогашни складишта, амбарите, биле мали за да ги сместат плодовите. И смислил. Ќе ги урнам амбарите свои, си рекол на себе и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе и речам на душата своја: „Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!“ Мојот професор по омилитика проф.Петар Јорданов, велеше дека ова е Евангелие за земните грижи и за ненадејната смрт. Мудриот човек секој ден се грижи да ги исполни Божјите заповеди со дела на прошка, милосрдие и љубов. Така тој се богати во Бога. Тоа што му е најмило и најскапо, мудриот човек не го чува во своите амбари и кошеви, туку го полага во рацете Божји. Тоа е душата негова. Тоа е најголемото богатство негово, единственото благо што не пропаѓа и не умира.
Мудриот човек секој ден има готова сметка со овој свет и подготвен е да легне и да умре со постојана вера дека ќе оживее и ќе излезе пред лицето Божјо. Колку е страшна ненадејната смрт! Кога човекот смета дека сосема цврсто стои на земјата, таа може одеднаш да се отвори и да го голтне, како што го голтнала Датан и Авирон (5 Мој. 16, 32). Кога богозаборавениот развеселен човек се подготвува да се весели уште многу години, паѓа огнот и го изгорува, како што ги изгоре Содом и Гомор. Кога човекот мисли дека добро е осигуран и кај Бога и кај луѓето, наеднаш паѓа мртов како Ананија и Сапфира (Дела ап. 5, 1-10). Целиот наш живот е дар Божји. И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него и го препознава овој дар. И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство, и на тој начин Му благодари на Бог за него и го препознава овој дар. Мудриот човек секој ден ја утврдува својата вера во Бога и го заштитува своето срце од неверие, сомнежи и злоба, како што мудриот домаќин го чува своето лозје од лошите штетници. Нека биде волјата Божја за се. Да се молиме на Севишниот Бог да не ни испраќа ненадејна смрт во средината на нашите гревови и беззаконија, туку да не заштити како што го заштити царот Езекија (Иса. 38) и да ни даде денови за покајание. Амин!