Дваесет и трета недела по педесетница
12.11.2023 Дваесет и трета недела по педесетница во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово,Mитрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски,протоереј Предраг Исаевски,протоереј Жарко Мицковски, протоереј Александар Стојановски и ѓаконот Илија Деспотовски.Верниот народ се причести со светите тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа по прочитаното евангелие на која меѓу другото истакна:Бидејќи и избраните луѓе ,кои го следеа Господа Исуса по светот,се покажаа маловерни,Господ ги однесе во еден предел од најцрното незнабоштво,за да ги засрами и да го разобличи нивното маловерие со она што ке се случи.А тоа што се случи го слушнавте од денешното прочитано евангелие.Целиот опишан настан од почетокот до крајот има длабока внатрешна смисла.Денес, од светото евангелско четиво чувме за чудото што Господ Исус Христос го направил со двајцата бесомачни луѓе од Гергесинската земја (Матеј 8,28-9,1). Во Евангелието ни е опишано колку тие демонопседнати биле зли и опасни: беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат. За свое живеалиште ги избрале гробиштата, место на смртта, сеејќи страв кај луѓето, така што сите се плашеле да поминат покрај нив, затоа што биле особено агресивни. Но, Спасителот доброволно отишол при нив и ги исцелил од долгогодишната и тешка мака.Свети Григориј Палама вели дека Христос Бог го направил ова чудо, за да им покаже на Своите ученици дека Он има власт и над нечистите духови и дека дојде за да го ослободи човечкиот род од демонската тиранија и од светот на темнината.Со денешниов пример Господ сака да ни каже дека една душа човечка е поскапа од сиот материјален свет. Тоа го кажува и со збор, кога на едно место во Светото Евангелие вели: каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?Во Божјите очи човекот е бесценет, бидејќи, по Неговата благодат, тој одовде заминува во вечноста.Затоа Господ, со денешното евангелско четиво, ни дава поука и пример повеќе да го цениме ближниот отколку себичноста.Господ, мили мои, сака да нè ослободи од нашите погубни страсти, коишто можат да нè доведат до најстрашната болест – демоноопседнатоста. Лошите духови не би можеле да му наштетат на човекот, доколку тој самиот не им допушти да навлезат во него, преку оддавањето на страстите и гревовите. Затоа, да се трудиме во воздржание од задоволување на гибелните страсти.Да прибегнуваме почесто во храмовите, да ги исповедуваме гревовите, трудејќи се да се ослободиме од нив, да се причестуваме со Телото и Крвта Христови, за да Го примиме Духот кој ќе не научи да ги разликуваме духовите.