Дваесет и втората недела по Педесетница
На 13.11.2022 година, во Дваесет и втората недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова Литургија во соборниот храм Пресвета Богородица -Гостивар. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Во својата беседа митрополитот г .Јосиф меѓу другото истакна:Денес молитвено и единодушно во овој храм во Гостивар сме собрани и нашата радост е полна, бидејќи е заедничка во домот на нашиот Отец небесен, во Божјата Црква, чиј аголен камен е Самиот наш Спасител. Кога сме во Црква ние сме членови и се наоѓаме во вистинската заедница, во која сите ние сме светлината на земјата, која треба повеќе да свети пред сите луѓе – за да ги видат добрите дела и да Го прослават Бога.Соборноста е значајно својство на Црквата. Нема Црква – таму каде што нема соборност, каде што нема меѓусебна љубов помеѓу Вас и единство со Вашиот епископ. Тоа го потврдил Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, епископот Атиохиски, уште во II век, кој за тоа вели: „Епископот е икона Христова во Црквата, тој ја олицетворува полнотата на Црквата и нејзиното единство,а неединството со него значи раскинување со Црквата.Да се биде во соборност – значи да сме едно во Бога, како што Синот е едно со Отецот (сп. Јован 10,30) и Светиот Дух – така и сите ние тука присутни постојано да се стремиме да бидиме едно и да напредуваме во духовниот подвиг кон обожението и осветувањето – кое е цел на нашиот живот овде на земјата за во денот на Страшниот суд, да можеме да стоиме од десната страна.Кога ја негуваме соборноста, ние на дело ја исполнуваме Христовата заповед: „Да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15,12). А само кога сме во љубов и слога, ние тогаш не забораваме да правиме добрини на сите, бидејќи само преку взаемно служење, едни со други, ние Му служиме и на Бога. Затоа, почитувани, секојдневно да се трудиме да живееме во љубов и разбирање со секој еден човек, бидејќи во Христос, секој е наш брат. Постојано да се смируваме еден пред друг, да се молиме еден за друг и тежината еден со друг ја носиме и како што се молиме преку молитвата на старецот Софрониј никогаш да не заборавиме дека братот наш е нашиот живот.