Дваесет и втората недела по Педесетница

24.11.2024 година. Дваесет и втората недела по Педесетница, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во Лешочкиот манастир. На светата литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна:Денеска ѓаконот прочита две прекрасни евангелија. Ние ќе се поучиме од второто евангелие кое е навистина поучително. Од денешното Евангелие разбираме дека душата на човекот и по смртта е свесна и ги памети сите дела што ги направила. Живот без Бога, без душа, без вечност, без рај и пекол е бесмислен. Животот на земјата е даден на човекот, со својата слободна волја, да се определи за вечност. Преку својата вера и своите дела, или ќе се спаси или ќе се осуди за вечност. Значи овој живот на земјата ни е даден само за припремање за вечноста. Лазар од денешното прочитано евангелие се припремал за рај, а богатиот за пекол. Лазар знае за Бога, за душа, за опростување и трпение. Затоа и Бог, го знаел неговото име и го забележал во книгата на вечниот живот како сиромавиот Лазар. Безумниот богаташ не сакал да знае ни за Бога ни за душа, ни за сожалување ни за љубов ни за милост. Затоа и него Бог не го знае, ниту неговото име го запишал во книгата на вечноста, туку го остава без име во вечноста, богат, кој чека капка вода во океан на огнот кој гори со сулфур. Кажувајќи ја оваа парабола на Своите ученици, Господ ни зборува за тоа на кој начин ние самите го подготвуваме во нас нашето вечно пребивалиште. Нека Бог ни помогне да водиме внимателен живот. Господ ни дава многу можности. Го имаме Светото писмо за читање. Ги имаме богослуженијата кои, да бидеме искрени, честопати се слабо посетени.Мораме да најдеме начин со кој постојано ќе се убедуваме и ќе го следиме Евангелието. Ако не го направиме тоа, тогаш површно ќе бидеме христијани, но во суштина нема да се промениме. Затоа ние христијаните непрестајно го молиме Бога, да не поддржи во светлоста на разумот, па овој век кој ни е даден од Бога, да го поминеме во вера, надеж и љубов, во простување и милосрдие, па и нашите имиња да бидат запишани од Бога, како името на сиромавиот Лазар.