Eдинаесета недела по педесетница
08.09.2024 Во единаесетата недела по педесетница во Соборниот храм св.Кирил и Методиј -Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во сослужение на: Протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, Протоереј Предраг Исаески, Протоереј Александар Стојаноски и ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. На светата литургија верниот народ се причести со светите тајни. Во својата беседа митроплитот г. Јосиф истакна: Во денешново Евангелско четиво, а и во многу други низ Светото писмо, нашиот Бог е прикажан, не само како милостив Бог, но и како праведен Судија, Кој во зависност од тоа како ќе го завршиме нашиот земен подвиг, на „секому ќе му даде според своите дела“ (Рим. 2, 6). Тој ќе биде Оној, Кој ќе ја награди нашата душа, но и Кој ќе ја предаде на мачителите, доколку тоа сме го заслужиле. Тој факт, не треба да биде причина за појава на еден страв во нас, а напротив, да предизвикува еден уште поголем љубовен порив кон Бога и нашиот ближен, зашто сите знаеме каква ќе биде и наградата заради таа наша промена, заради тоа наше преумување. Онаму каде што царува љубовта, каде што таа ги исполнува порите на човечкото битие, таму нема место за страв, затоа што дури тогаш знаеме дека Бог е со нас. Љубовта е нашето најсилно оружје против демоните. Затоа наши најмили, што и да се случува помеѓу вас во деновите кои предстојат во животот, простувајте си, затоа што само така ќе можеме да постанеме нови луѓе – нова твар, која ќе биде способна во себе да прими божествената благодат, која обновува, просветува и осветува. Вистина, ако не ги простиме грешките и долговите на нашите ближни, ниту Бог нас нема да ни ги прости. Тоа не е некаква закана или казна, туку причинско последична реакција. Ако ние не му го простиме гревот на оној кој нам ни “згрешил”, тој грев на нељубов и непростување во нас останува и тоа е во суштина нашиот затвор и темница. Зашто таму кај што нема љубов, таму не е ни Господ, туку ѓаволот, и нема светлина туку темнина, нема слобода туку ропство. Во тоа е и нашето заробување. Ние се заробуваме од тежината на нашиот грев и го носиме, го носиме и се додека не го простиме гревот на нашиот ближен, та макар тој грев бил најголем и од “ нашиот најголем непријател”. Но ќе завршам со зборовите на старец Пајсиј и ве молам запомнете ги. Потребни се години на каење за да се избрише грешката од сеќавањето на луѓето. А на Господ му е потребна само една солза и ќе не помилува.