ЕКСКЛУЗИВНО, Митрополит Јосиф: Кирил Пејчиновиќ заслужува да стане светител, започнат е процесот за канонизирање!

Уште со моето доаѓање во Епархијата, живеејќи во Лешочкиот манастирски комплекс, ја имав приликата секојдневно да живеам во присуство на игуменот Кирил, најнапред преку живиот молитвен спомен за него, преку разговорите со месното население, преку сеќавањето за неговите заслуги направени за манастирот, преку набљудувањето на реките од поклоници кои се поклонуваат секојдневно на неговиот гроб, каде што просат молитвено застапништво пред Бога. Гледајќи го сето тоа, и јас станав сведок за неговото сегашно молитвено застапништво, за почитта кон него од страна на нашиот верен народ, која, и покрај годините, никогаш не се намалила, туку напротив – се зголемила. И сето тоа што го гледав како архиереј моја обврска беше да го актуализирам, односно да започнам процес за негово препознавање како светител, открива владиката Јосиф во велигденското интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој е најмладиот член на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА и првиот митрополит на Тетовско-гостиварската епархија формирана од 2013 година. Важи за многу посветен градител и реставратор на црквите и манастирите од неговата епархија, за голем хуманитарец и несебичен поддржувач на социјално ранливите семејства, почитувач на различностите, но кога се во прашање горливите црковно-политички теми најчесто се воздржува од јавно коментирање. „Политиката е за политичарите, во мое поле на интерес е вековниот стремеж на црквата, а тоа е богоугоден живот и спасение на секој човек“, вели владиката Јосиф  

Елизабета АРСОСКА

Големиот христијански празник Велигден, верниците по трет пат го празнуваат во пандемиски искушенија. Ги исплаши ли коронавирусот верниците да  доаѓаат на редовните и празничните служби во црква, да се помолат, да земат причест…?

Се сеќавам дека на почетокот на 2020 година, кога првпат се појави вирусот во нашата држава имаше голем број на моменти кога стравот од болеста можеше брзо да предизвика уште пострашна духовна болест на маловерие, а во некои случаи и на неверие, но Црквата и нејзините свештенослужители постојано го охрабруваа народот, поучувајќи го сериозно да ги почитуваат препораките од лекарите, но и потсетувајќи ги дека треба да го надминат и победат стравот од болеста со вера во Бога и во Неговата спасителна промисла за секого од нас, зашто од нашето раѓање до смртта сè e во Божји раце и сè што допуштил Бог е за наше поправање и за наше спасение.

Морам да нагласам дека и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, на своите заседанија, посветуваше големо внимание по прашање на вонредните услови во кои се наоѓаше нашата земја и народ и преку соопштенија во интерес на сите нас редовно пред секој поголем празник се обраќаше до своите чеда и до свештенството со дополнителни совети за почитување на здравствените совети и владините мерки сè со цел да се намали ширењето на заразата од погубниот вирус меѓу нашето население. Исто така поголем дел од епархиите на МПЦ-ОА материјално со лекови и медицински средства го помогнаа јавниот здравствен систем и секојдневно во храмовите се молеа за здравјето на медицинскиот персонал, и секако за здравјето на сите болни луѓе. Во тие тешки моменти за целото човештво имаше и критика кон одлуките на Црквата, која од денешен аспект гледано, се покажа како неоснована. Критиките и разни сомнежи доаѓаа од повеќе страни, главно од недоволно познавање на верата и верските прописи, но и покрај тоа реалноста покажува дека МПЦ-ОА добро се справи со сите предизвици кои ни ги донесе овој вирус, кој генерално не успеа да ги оддалечи верниците од Бога и од Светите Христови тајни, бидејќи ниту во еден случај со сите мерки кои беа донесени за заштита од вирусот и за ограничување на соборите –  нашите храмови не беа затворени за молитва и во нив непрестајно се служеше Света божествена литургија на којашто во согласност со владините мерки, иако во редуциран број, сепак нашите храмови не останаа никогаш празни, а тоа е уште еден доказ за верата на нашиот народ. Имаше и такви моменти кога дел од нашите верници бурно реагираа на многу одлуки при  што се појави дури и проблем во прифаќањето на мерките од страна на дел од верниците, кои мерките ги почувствуваа како повреда на верата. Во таа насока би ги спомнал и зборовите на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој во едно свое обраќање ќе ги поучи верниците да ги прифатат мерките, со следните убедливи зборови: „Можеби некои од вас почувствуваа дека со овие драстични мерки се потценува или се повредува верата. Но она што е во опасност не е верата, туку верниците, не е Христос, туку нашите христијани, не е Богочовекот, туку ние луѓето. Нашата вера е длабоко втемелена во корените на нашата цивилизација. Нашата вера е жива и никоја вонредна ситуација не може да ја ограничи“.

И навистина од денешна перспектива, по речиси две години и два месеца од појавата на првиот случај во нашата земја, сведок сум дека нашата вера и покрај ограничувањето на собирите денес е жива, а нашата Црква е значително посилна и е секојдневно пожива и пожива. Нашите храмови во кои се почитуваат здравствените мерки и владините препораки се исполнети  со верен народ и тоа ми предизвикува голема радост, бидејќи овие искушенија на крајот не успеаја да ја поколебаат верата на нашиот народ, кој традиционално е побожен, дури мислам дека овие искушенија ја засилија верата кај многумина.

Наоѓајќи се во овие предвелигденски денови и сеќавајќи се на претходните две години, мислам дека оваа година здравствената состојба е на едно стабилно ниво и дека тоа уште повеќе ќе допринесе овој Велигден да го прославиме онака како што доликува со посета на светите богослуженија во храмовите, од каде ќе се објави спасителната вест за Христовото воскресение и за победата на смртта. Се надевам и искрено посакувам овој Велигден да ни донесе на сите нас една нова животна реалност и конечно целосна победа над овој вирус.

Во периодот откако раководите со Епархијата, верниците велат дека многу се гради – се обновуваат стари, се градат нови храмови. Она што е многу значајно е дека целосно се реставрира Лешочкиот манастир. Колку државата има слух за инвестирање во вакви исклучително значајни сакрални објекти?

Нема подобар мотив за мене и за мојот тим од задоволните верници и од нивната потврда дека нашата работа за напредок и развој на црковните живот на овие простори веќе е видлива и впечатлива за очите на верниот народ, кој знае сето тоа да го вреднува и да го помогне на најразличен начин. Со доаѓањето на чело на Тетовско-гостиварската епархија затекнав многу проблеми во однос на состојбата на верските објекти, кои знаете дека голем број се изградени пред многу години и дека со текот на времето нормално стигнале до состојба да мора да се интервенира со цел да се заштитат и сочуваат за идните генерации како наше вредно наследство. Дел од тие храмови и манастири согласно законите во државата имаат статус на неподвижно културно наследство и се под директна заштита од страна на Заводите за заштита на културното наследство. Откако направивме детална анализа на состојбите со нашите храмови и манастири во епархијата, согласно нашите можности во почетокот започнавме со реконструкција и реновирање на соборниот храм во Тетово и на соборниот храм во Гостивар, а потоа со обнова и на голем број други храмови низ епархијата со цел да се обезбедат подобри услови за развој на литургиско-богослужбениот живот на народот, кој во одредени случаи заедно со своите претставници во црковните одбори значително ја помагаат обновата на нивните заеднички домови – храмовите и придружните објекти: конаци, камбанарии, сали и итн. Паралелно со обновата на веќепостојните верските објекти благословив и поставивме камен-темелници за изградба на нови храмови и манастири, кои дел се веќе осветени и пуштени во употреба, а дел се наоѓаат во фаза на изградба.

Особено во фокусот моментално ни е целосната обнова на Лешочкиот манастир, кој е најзначајно и најпосетувано светилиште во епархијата со која  раководам и истиот поради своето културно и историско значење е прогласен за споменик на културата заштитен со закон. Реконструкцијата и обновата на овој манастир беше далеку од потребна, бидејќи истиот поради невремињата кои го зафатиле овој регион, но и поради староста се наоѓаше во лоша и во сосема нефункционална состојба, а потребите на епархијата и народот налагаа и бараа итна изградба на нов конак, како и конзервација на стариот конак. Со Божја помош по долги години барање на согласности и собирање на потребните дозволи од надлежните институции одговорни за верското и културното наследство успеавме на почетокот од 2020 година конечно да ја започнеме  изградбата на новиот западен конак, кој го изградивме со сопствени епархиски средства и донации за речиси една година и истиот го осветивме ланската јубилејна година за манастирот кога ја прославивме и 700 години од подигнувањето на стариот манастир. Новиот конак е наменет за најразлични примени, и има: сала за одржување на состаноци на црковно ниво, апартмани за престој на црковни лица и гости, кујна, трпезарија, просторија за прием, како и простории за остава со што се задоволуваат дел од потребите за нормално функционирање на манастирот. Исто така извршивме и холтикултурно уредување на дворната површина пред конакот.

Во однос на вториот дел од Вашето прашање државата во рамки на своите можности може значително да придонесе за побрз развој на овие значајни сакрални објекти, кои се препознатлив белег на самата држава, која преку своите институции на државно и локално ниво има обврска да води грижа за верските објекти кои имаат статус на заштитено културно добро, а во нашата земја има многу такви објекти. Во однос на обновата на Лешочкиот манастир наидовме на слух кај надлежните институционални органи (Министерството за култура; Министерство за локална самоуправа, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи – КОВЗРГ; Националниот конзерваторски центар – НКЦ; Управата за заштита културно наследство, Биро за регионален развој, Општина Теарце и др.) и лично сметам дека државата треба поактивно, поангажирано и навремено да води сметка за зачувување на културното наследство, бидејќи тоа нè прави препознатливи пред светот. По долги години и многу вложени напори пред државните органи манастирот влезе во годишната програма и на тој начин започна финансиската помош за обновата на Лешочкиот манастирски комплекс, која трае подолг период заради економската криза. Моментално целосно е завршен проектот за партерно уредување на паркинг-просторот, како дел од годишната програма за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за рамномерен развој, додека пак обновата, односно градежните проекти, а паралелно на нив и ревитализацијата, односно заштитно-конзерваторските и реставраторските работи на јужниот конак и старата црква „Пресвета Богородица“, кои се извршуваат во реализација на Националниот конзерваторски центар како проекти, кои се дел од нивната годишна програма сè уште траат и се во тек и се надеваме на поскоро завршување на истите, како и на започнување и на нови проекти со помош на државата, која треба да работи на подобрување на целокупниот законски систем за заштита.

Далеку од очите на јавноста покренавте и иницијатива за канонизација на Кирил Пејчиновиќ. Може ли да откриете до каде стигнавте?

Точно, како епархија имаме поткренато иницијатива за канонизација на големиот просветител и Божји угодник, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, игуменот Лешочки. Иницијативата произлезе од живиот култ кој го има овој наш црковен деец на просторите на кои се протега Тетовско-гостиварската епархија и пошироко, а особено тоа е видливо во Лешочкиот манастир, каде што се наоѓа неговото гробно почивалиште. Како и што напишав во предговорот на веќе подготвениот Предлог за канонизација уште со моето доаѓање за Митрополит на Тетовско-гостиварската епархија, со седиште во Тетово, живеејќи во Лешочкиот манастирски комплекс ја имав приликата секојдневно да живеам во присуство на игуменот Кирил, најнапред преку живиот молитвен спомен за него, преку разговорите со месното население, преку сеќавањето за неговите заслуги направени за манастирот, преку набљудувањето на реките од поклоници, кои се поклонуваат секојдневно на неговиот гроб, каде што просат молитвено застапништво пред Бога. Гледајќи го сето тоа и јас постанав сведок за неговото сегашно молитвено застапништво, за почитта кон него од страна на нашиот верен народ, која, и покрај годините, никогаш не се намалила, туку напротив – се зголемила. И сето тоа што го гледав како архиереј моја обврска беше да го актуализирам, односно да започнам процес за негово препознавање како светител.

Изминатиот период, посветивме доста труд за отпочнување на процесот согласно утврдените критериуми и традиции на Православната црква. Најпрво ја формиравме епархиската Комисија за проучување и истражување на основните услови за официјално канонизирање на светители, која го разгледа најнапред подвижничкиот и добродателен живот на посочениот игумен, неговата несомненост и непоколебливост во православната вера до крајот на неговиот живот, неговото прославување од Бога, како и ширењето на неговиот култ кај верните по неговото упокојување. Како дел од тој процес, започнавме постепено да ги реализираме и  активностите и задачите што произлегуваат од тој процес, а тоа се: подготовката најнапред на неговото Опширно и Кратко пролошко житие, потоа зографисувањето на неговата прва икона, како и подготовката на неговата Служба и Акатист.

Со подготовката на овие важни документи, на еден начин, ние како епархиска Комисија уште минатата година кога ја чествувавме 250-годишнината од раѓањето на просветителот Кирил го комплетиравме предлог за канонизација, кој го предадовме на разгледување и понатамошно постапување на почитуваната Комисија за прогласување на светии при МПЦ-ОА, со надеж дека таа што поскоро ќе донесе боговдахновена одлука и за официјално внесување на името на преподобниот отец Кирил Лешочки (Тетоец) во Диптихот на светиите.

Вашата Епархија се наоѓа во мултинационална и мултиконфесионална средина, но сепак  се чини дека ги негувате односите со припадниците на сите религии. Како се живее во Тетово и Гостивар?

 

Тетовско-гостиварската епархија како верска институција има значајна улога во нашето мултиконфесионално општество. Јас како нејзин надлежен архијереј, заедно со моите свештеници се трудиме секојдневно помеѓу нашите верници да внесеме дух на толеранција и соживот кон другиот и различниот од нас, сметајќи дека само така можеме да имаме квалитетни општествени односи. Исто така имаме редовни средби со претставниците на сите религии кои се присутни, особено го негуваме дијалогот и меѓусебната почит со муфтиите на Тетовското и Гостиварското муфтиство на ИВЗ, со кои заедно, со должно внимание ги следиме сите настани на локално ниво и ги решаваме навремено сите проблеми кои можат да го обременат секојдневието и меѓусебното живеење на нашите верници. Таквата соработка со должна почит ќе ја продолжиме и во иднина. Мислам овие наши добри односи постепено се пресликуваат и помеѓу нашите верници и дека животот во Тетово и Гостивар за разлика од минатото денес е значително подобрен и мирен со изразен соживот и почитување на различностите.

Неодамна беа објавени податоците од пописот, за кои, меѓу другото сомнеж изрази и Синодот поради нејасно разграничените графи, а директорот на Заводот за Статистика, пак вината ја префрли на МПЦ дека не успеала на своите членови да им ја разјасни разликата меѓу христијани и православни. Како вие гледате на пописните резултати?

Синодот на МПЦ-ОА во чиј состав како активен епархиски архиереј сум и јас со потполно право изрази сомневање во статистичка прецизност на пописот. Лично сметам дека е направен пропуст од страна на ДЗС како во однос на применетата пописна методологија во графата за религиска припадност, така и во едукацијата на попишувачите, а дополнително проблем создаваат и преземените податоци од надлежните институции за лицата кои не учествувале во попис. Поради сите овие пропусти резултатите особено за религиската припадност не ја одразуваат прецизно реалноста на теренот и поради тоа истите не се релевантни. Со тврдењето на директорот на заводот не се согласувам и мислам дека во иднина со цел да се надминат вакви или слични пропусти од нивна страна треба да се преземе поголемо внимание на сите аспекти во рамки на подготовка  на пописот за да не се повтори иста ваква статистичка грешка, која може негативно да се одрази и да изрази сомневање во институциите на системот. Затоа треба за сите не доволно јасни прашања од верската сфера да бидат консултирани и верските заедници.

Македонија, низ историја минувала низ многу искушенија и турбулентни периоди во кои секогаш одново мора да го докажува својот идентитет, постоење, јазик, негирање на автокефалноста на македонската црква … Во последниве децении независност, на евроатланскиот пат, мораше да се смени името, а сега се прават напори за потпишување договор со Бугарија. Како гледате на дневнополитичката состојба во државава?

Сведоци сме сите дека светот не е лесно место за живеење. Ние луѓето се идентификуваме семејно, национално, религиски, но и во зависност од погледите на светот, целите кои сакаме да се постигнат во општеството и така натаму. Гледано од аспект на било која припадност, во колектив или индивидуално, ние како луѓе во нашиот живот сведочиме неправди и бројни искушенија. Но, така растеме, доколку во ваквите искушенија градиме вистински вредности, доколку прибегнуваме кон учењето на Светата црква, доколку ги почитуваме родителите, постарите, служиме на другите, развиваме солидарност, емпатија и љубов за другиот. Нашиот народ не треба да очајува, од надежта треба да произлегуваат овие добродетели кои ги набројав. Сите ние се вградуваме во доброто со нашиот однос кон нас самите и кон другите и така водиме до подобри времиња. Политиката е за политичарите, во мое поле на интерес е вековниот стремеж на црквата, а тоа е богоугоден живот и спасение на секој човек.

Изминатиот период имаше засилени лобирања – официјални посети и испраќање писма до Вселенскиот патријарх со барање за признавање на црковната самостојност. Прифатливо ли е за МПЦ-ОА мешање на државата во проблемот со СПЦ и дали станува збор за црковен  или и политички спор?

Македонската Православна Црква негува добронамерен однос со државата и низ годините генерално се градат комплементарни политики во интерес на разрешување на црковното прашање, сепак ова прашање е во рамки на надлежноста на САС на МПЦ-ОА. Станува збор за прашање кое може да се анализира мултиперспективно и за кое се надевам наскоро ќе зборуваме во минато време.

Какви се Вашите очекувања, можно ли е оваа година да има поместување во правец на решавање на црковниот проблем?

Да се молиме на Бога признавањето да се случи оваа година кога се навршуваат 55 години од прогласувањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Во однос на очекувањата знаете дека со точност не може да се знае кога конечно би се решил црковниот спор, бидејќи не зависи од наша страна, туку од други страни. Но, се надеваме дека овој процес кој веќе трае 55 години набргу ќе заврши со признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА од сите Помесни православни цркви, кои истовремено би започнале литургиско сослужение и заедничарење со клирот на нашата света Црква.

Која е Вашата порака за верниците за празникот на празниците Велигден?

Моја порака до сите верници е достојно како што доликува со редовно учество на светите богослуженија, со пост и молитва во нашите храмови да го дочекаат Светлото Христово воскресение, причестувајќи и соединувајќи се со Христа воскреснатиот да ја превкусат радоста на вечниот живот. Во овие денови посакувам како вистински христијани да се да направиме вистински избор и да не дозволиме гревот да не одвлече од вечната светлина и од радоста на Христовото воскресение. Длабоко во духот на нашата вера да го осмислиме нашиот живот, да веруваме и во секој момент и на секое место да бидеме сведоци на Христа воскреснатиот од гробот, Кој ја победи смртта и ни дарува живот вечен. Да не заборавиме да ги исполнуваме и Неговите спасоносни заповеди и сите случувања и проблеми околу нас да ги разбираме и решаваме духовно, постојано благодарејќи му на Бога, не мразејќи никого, а помагајќи му на секого согласно нашите можности. Во овие пасхални дни како христијани да не забораваме да проштеваме и да се грижиме за нашите ближни, бидејќи тоа е најголемиот израз на нашата љубов кон Бога. Во никој случај да очајуваме, туку да се радуваме на празникот кој го осмислува човековото верување и постоење на земјата.

На крај дозволете, честитајќи, Ви го празникот над сите празници – Христовото воскресение – Велигден, вам и на вашите читатели да Ви посакам овој светлозрачен празник да внесе неизмерна радост во вашите срца за да можете и вие како апостолите да ја благовестите победата на животот над смртта. Воскресната светлина нека ја раздени темнината во вашите души, а воскресната радост нека ви биде постојан мотив за радост во сите дни од вашиот живот.

Добра Пасха!

Христос воскресна! Навистина воскресна!