Големо повечерие со Покајниот канон на свети Андреј Критски
На ден 02. 03. 2023 година, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј Марјанчо Мадевски, протоереј Трпе Богоески и ѓакон Славче Ѓоргески отслужи Големо повечерие со Покајниот канон на свети Андреј Критски во храмот ,,Св. Кирил и Методиј" во Маврово. Авторот на канонот опоен од чувството на силното покајание, не повикува и нас во овие спасоносни великопосни денови, да ја увидиме грешната состојба на нашата душа, та со нашето искрено покајание истата да ја омекнеме, ободриме и возвишиме кон праведност, добродетелност и чистота. Значењето на овој канон е во повикот за покајание, повикот за промена на начинот на нашиот живот според учењето на Спасителот Христос. Канонот се нарекува Голем, бидејќи во него има околу 250 тропари. Содржината на тие тропари нè упатува на Светото Писмо. Во канонот се опишани голем број на настани од Свештената историја. Преку примерот на библиските настани, се покажува дека Бог им простува на луѓето, дури и покрај големите падови, потсетувајќи не дека покајанието е промена во начинот на живот. Нека Семилостивиот Бог по молитвите на Светиот Андреј Критски ни дава сили да истраеме во нашиот духовен подвигот низ целиот пост за да очистени од гревот го дочекаме празникот над празниците Христовото воскресение.