Илинденско послание
† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА!
Сé има свое време,
и секоја работа под небото
- има свое време.[1]
Возљубени празникољупци,
Секое време е проникнато од Божјата промисла и на човечкиот род секогаш богомудро му се нуди вечното спасение. И во овие времиња, преполни со соблазни и искушенија, со војни и судири, со присилни преселби и селидби, ние, христијаните, сме повикани овде на земјата да ја шириме пораката од небото, пораката за љубовта и правдата, за мирот и вистината. Какви неволи и тешкотии да нѐ снајдат, не треба да очајуваме, ниту да се обесхрабруваме или да се плашиме, туку трпеливо да поднесуваме, со силна вера и со непоколеблива надеж во Божјата помош и правда. Искушенија и страданија, Бог честопати ни допушта за да нѐ испита и зацврсти во верата. Затоа, сиот наш живот треба да го поминуваме, раководејќи се и исполнувајќи ги Божјите закони и заповеди, па така да го градиме сопственото трпение, бидејќи кој издржи до крај – тој ќе биде спасен[2].
Светол пример за исполнување на Божјата волја е денешниот славеник, светиот пророк Илија. Тој е вистински богоугодник, чиј живот бил исполнет со постојани подвизи на љубовта, милосрдието и смирението. За таквиот богоугоден живот, Бог го дарувал и со исцелителна моќ[3], и со трајна почит меѓу народите. Бивајќи силен на збор и на дело, од Бога бил испратен да сведочи за вистината, а тој, со Божјата помош, го спречил идолопоконството кај својот народ и повторно го вратил во вистинската вера[4].
И ние, следејќи го животот на светиот пророк Илија, можеме и треба да се поучиме од неговите богољубие и родољубие. Неговата ревност во верата и неговата љубов кон Бога се пример за секој христијанин – за сите и во секое време. Тој со својот живот и дела, уште во Стариот завет ги исполнил Христовите зборови: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум… и …возљуби го ближниот свој како себеси[5]. Но пророкот не ги љубел само ближните, туку и своите непријатели[6]. Токму затоа Православната црква, знаејќи дека праведниците живеат довека и нивната награда е во Господа[7], торжествено го воспева, пеејќи му: „Ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање – Илија славен”[8].
Верни чеда во Господа,
Потребно е постојано да бидеме исполнети со страв од Бога, зашто почеток на мудроста е стравот Господов[9]. За секој христијанин би било од полза ако ја здружува мудроста со доброто и ако не допушта неговото доброљубие да се помеша со лукавство. Затоа треба да имаме цврста и непоколеблива вера, исполнета со љубов и преточена во дела. Оти „како што огнот загрева, водата поросува, светлоста осветлува, така и живата вера треба да се пројавува во добрите дела”[10]. Неопходно е во овие и вакви времиња силно да ја воскреснеме верата во нашите срца, „а не само по име да се нарекуваме христијани”[11]. Потребно е непоколебливо да ревнуваме за вистината и да не бидеме рамнодушни кон злото. Не треба да се помируваме ниту со нашите страсти и недостатоци, ниту со неморалноста и лицемерието во светот, зашто ние, христијаните, сме должни да го менуваме светот кон добро[12]. Повикани сме високо да го воздигнеме својот крст, за да потврдиме дека ја живееме верата на пророците и апостолите, на мачениците и исповедниците, и на сите кои вистински ги сведочеле својата верност и својата љубов кон Христа Воскреснатиот – Спасителот на светот.
Денешново, како и сите изминати времиња, е време за исповедање на верата, време за сведочење на Христовата вистина. Наша христијанска должност е секогаш и насекаде, преку делата и живеењето според Светото Евангелие, да ги покажеме и посведочиме светлината и убавината на Православието. Па, верата е душата на Христољубивиот народ! „Од неа зависи не само блаженството на идниот, туку и среќата на овој век; и не само среќата на секого од нас, туку и благосостојбата на сите заедници”[13]. Кога човек верува во Бога, тогаш тој ги љуби и Бога и луѓето, го љуби својот народ, го љуби татковото огниште, љуби сѐ што е негово – својот роден крај, својата Црква и Татковина. Верата нѐ учи да сакаме и почитуваме сѐ што е добро и благоугодно во овој свет, не заборавајќи ги подвизите и пожртвуваноста на оние кои со животите се вградија во нашата историја и, веруваме, се населија во небесната Црква.
Возљубени потомци на славните илинденци,
И ова наше време бара да ја чуваме и браниме нашата македонска вистина. Каде и да живееме, во Татковината или раселени по светот, само вооружени со Христовата вистина, и не заборавајќи ги аманетите од нашите достојни предшественици, посветените духовници и славните јунаци – ќе можеме да ја сведочиме и да ја продолжиме нашата долготрајна црковна и национална борба за опстој и за запазување на нашата слобода. Секој родољубив подвиг е оправдан, само ако е во името на правдата и вистината, и ако е вдахновен од љубовта кон Бога и во одбрана на својот народ.
Илинден е најславниот ден во македонската национална борба за слобода. Настанот од тој ден во 1903-та година е длабоко врежан во македонските души и срца, и оставил неизбришлив белег во нашата сенародна меморија. Затоа, Илинден е денот кога треба да се радуваме, денот кога треба молитвено да заедничариме со Бога, денот што потсетува колку е потребно да бидеме едномислени и сплотени како народ. Токму затоа таква е и молитвената порака во Крушевскиот манифест, каде се вели: „Нека Господ Бог ја благослови светата борба за правото и слободата! Нека се живи борците за слобода и сите чесни и добри македонски синови”.
Возљубени родољупци,
Па, да се бориш за сопствената слобода, не значи, секогаш, да земеш оружје в рака! Еве, нашата борба трае и во овие времиња, и таа треба да биде, пред сѐ, духовна и праведна. А тоа значи да се вооружиме со Христовите добродетели на љубовта и вистината, на слогата и единството, за да им одолееме на неправдите и за да го победиме сето она што нѐ оддалечува едни од други, и од нас самите прави туѓинци и противници. Само сплотени и едномислени, исполнети со страв Божји и со достојна почит кон своето, ќе чекориме по вистинскиот пат, носејќи вистински решенија и одлуки за сите и засекогаш.
Возљубени чеда на Македонската православна црква,
Полезно е постојано да се потсетуваме на нашето минато, зашто тоа нѐ поучува и нѐ упатува како треба да ги градиме и да ги живееме нашата сегашност и нашата иднина. Чувањето на сопствената историја и на сѐ што е наше, и непоколебливото живеење по Христовата вистина, е најцврстиот темел и гаранција за нашата државност и за нашата слобода, но и потврда за основаноста на нашата црковна автокефалност.
Еве, по молитвите на свети Климент Охридски и на светиот пророк Илија, годинава се удостоивме да одбележиме големи јубилеи: 1000 години Охридска архиепископија, потоа 60 години од нејзиното возобновување во лицето на нејзината продолжителка – Македонската православна црква, како и 115 години од славното Илинденско востание. Овие настани, заедно со вториот Илинден од пред 74 години, сведочат колку се длабоки корените на нашата духовност и дека векови ја сведочат нашата црковна и национална посебност. Илинден бил и останува симбол на нашата борба за слобода и идеал што бил и останува патоказ за сите македонски генерации.
Годишнините не се само поминато измерено време, туку настани што постојано опоменуваат и поучуваат!
Нека ни е вечна Охридската Македонска Црква! Нека ни е вечен Илинден и нека им е вечен споменот на сите борци за духовна и национална слобода на Македонија! Амин!
†СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
и администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
Илинден, 2018 лето Господово
[1] Проп 3, 1.
[2] Мт 24, 13.
[3] Види 3 Цар. 17, 17-24.
[4] Види 3 Цар. 18, 20-40.
[5] Мт 22, 37 и 39.
[6] Види Мт 5, 46.
[7] Мудр Сол 5, 15.
[8] Тропар на свети Илија.
[9] Изреки 1, 7; Пс 110, 10.
[10] Святитель Тихон Задонский, Житие. Слова и наставления пастве, родителям и
детям, священникам. «Плоть и дух» Собрание сочинений, том 1.
[11] Сп. Свети Климент Охридски, „Поука за Педесетница (I)“, Собрани дела:
слова, поуки, житија, стр. 306.
[12] Сп. Јн 17, 14-16.
[13] Св. Филарет Московски, цит. сп. епископ Мелентије Хиландарац, Духовна
градина, стр 52.