Илјадагодишната Бигорска Обител го слави својот патрон

Светло и богорадосно е, благочестиви Христијани, ова сепразнично собрание што нè собра денес да празнуваме духовно. Многу соодветно се одбележува како светло, зашто од него зрачи и името на оној што го чествуваме сега, бидејќи тој е, и се нарекува светилник на светлината. Навистина, тој не е светилник што нè опсипува со вештествена светлина, зашто тогаш не би било трајно и непрестајно неговото сјаење и би се губело секогаш кога ќе му застане некаква пречка. Туку тој е одблесок што го покажува светлозарното сјаење на Божествената благодат во длабочините на срцата на оние што се собрале да го прослават неговиот спомен, и го издигнува умот да ги созерцава страданијата на праведниот маж, така што, гледајќи го со очите на душата ова блажено мачеништво, да се исполниме со духовно веселие

од Пофалното слово за Усекновение од Св. Теодор Студит

Повторно се слушна од илјадалетниот Претечев дом крај Радика вечниот повик за покајание и со својот моќен призив ги повика верните на молитвена гозба во Светилиштето, во чест на споменот за Усекновението на чесниот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован. Повик, насушно потребен сега, повик кој враќа во прегратките Божји. Повик кој ја симнува на нас благодатта на помилувањето. Повик кој верните срца го слушнаа и го исполнија Бигорскиот храм и со искрени срца се влеаја во покајната монашка молитва, за благослов на целиот народ. Годинава, на наша голема радост, Чесниот Претеча ги донесе на својата слава нашите драги пријатели од Грчката Православна Црква, архимандритот Матеј и јеромонахот Николај.

И немаше срце среде тоа мноштво, кое остана рамнодушно на Претечевиот повик, кој на таинствен начин прозвучи од просветленото созерцателно слово на нашиот возљубен старец и владика, Епископот г. Партениј, кој на празничната Вечерна богослужба уште еднаш татковски нѐ потсети на најважната суштина на христијанското покајание и сведочење на Христовата вистина:

Благоговејни и чесни отци,

Преподобни браќа монаси на оваа Свештена Обител,

Сепреподобни и чесни отци од наша братска и православна Грција, отец Матеј и отец Николај,

Сечесни и преподобни сестри од нашите женски манастири,

Возљубени браќа и сестри Христијани,

Дозволете ми најнапред да ја изразам својата преголема радост и благодарност кон великиот Пророк, Претеча и Крстител Господов, Свети Јован, којшто и оваа година нѐ удостои вака торжествено да го прославиме неговиот чесен спомен.

Светиот пророк Исаија, пророкувајќи во Стариот Завет за појавата на Јован Претечата, го опишува со зборовите: Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му го патот на Господа, исправете ги патеките на нашиот Бог“ (Иса. 40,3). Кажано во преносна смисла, ова пророштво значи: послушајте го гласот на оној кој вика во духовната пустина на овој свет, омекнете ги вашите срца, пригответе Му во нив место на Бога и исправете ги патеките во вашите животи со вршење дела на правдата. Чесниот Претеча се јавил во Јорданската пустина и почнал да проповеда неколку месеци пред почетокот на јавната проповед на Спасителот наш Господ Исус Христос. Бил особено скромен. Најстрог аскет и испосник. Живеел во пештерите околу Мртвото Море, се хранел со растенија и див мед. Неговата појава предизвикувала страхопочитание кај луѓето. Величествен со духовна величина, за него Израилците помислиле дека е Свети Илија, дека повторно се јавил великиот пророк од старите времиња, кој жив бил вознесен на Небото и чие второ јавување се очекувало од многумина. Споменот за Свети Илија бил навистина силен во Израилот, а Свети Јован во многу нешта наликувал на него, така што природно било да го поистоветуваат со него. Впрочем, Свети Јован и навистина е новиот Илија, кој се јавил при Јорданските води и со својата благословена рака на сиот свет му Го покажа Месијата Исус Христос: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29). Затоа Ангелот благовестител за раѓањето на Свети Јован, му возвестил на Захарија, таткото Јованов, дека синот негов, ќе оди пред Него, (т.е. пред Христа) во духот и силата на Илија… за да Му подготви на Господа народ подготвен (Лука 1,17). А и Самиот Господ, запрашан од учениците за доаѓањето на Илија, во Евангелието вели: Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа (Марко 9,13), мислејќи тука на Свети Јован Крстител.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Претечата Христов се јавил во Јорданската пустина, којашто била бесплодна и безводна. Токму какво што било човештвото пред Христа. Бесплодно, жедно за правда и мир, за вистина и љубов, луѓе со скаменети од гревот срца, од кои не излегувало ништо добро. Во таквата духовна пустина дошол Свети Јован да проповеда за Божествената благодат којашто се воплоти преку Синот Божји и која започнала да ги напојува срцата човечки, та да раѓаат плодови на добродетели.

Многу е прочуена Јовановата реченица, којашто постојано им ја повторувал на сите коишто доаѓале при него: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! (Матеј 3,2) А Царството Небесно се состои, всушност, во Личноста на Спасителот наш и Господ Исус Христос, Кој е многу блиску до нас. Патот, пак, до Него е покајанието. Мили мои, од покајанието – ништо поголемо нема. Тоа од разбојникот на крстот, во последниот час направи праведник и прв жител на рајот. Покајанието ги претвора и најтврдите срца во садови подготвени да ја примат љубовта Божја, да ја воспримат благодатта Негова, ги прави срца од кои се раѓаат христијански добродетели.

Оваа проповед за покајанието на Свети Јован Крстител која историски се случувала околу 2000 години пред нас во Јорданската пустина, дијахрониски никогаш не ни престанала и е подеднакво актуелна и до ден денешен. Со истата силина таа е упатена и кон сите нас. Оваа реченица, овој повик на Крстителот: покајте се! – упатен е до мене, до тебе, до сите нас. Да го прифатиме. Зашто, без покајание човекот е само една бесплодна пустина. Неговото срце е подобно на камен.

Рековме дека пред Христа, човештвото било еден ужасен призрак на најниска форма на живот; неморал и примитивизам дотаму што животинските страсти, наместа дури и човекојадството, биле сметани за нормална појава. Со Христа, пак, сѐ станало ново; на човекот му било востановено предопределеното божествено достоинство, а човечкото општество во целост – било невидено облагородено. Меѓутоа, денес, можеби како никогаш досега во христијанската историја, воскреснува паганскиот неморал и лажната филозофија на антивредностите. Живееме во свет преполн со омраза, со завист, со непросветленост, со егоизам, со желба во срцата на луѓето за војни, за материјални богатства и надмоќ, со сластољубие, со прељубодејства, кои веројатно никогаш не биле толку распространети како денес. Во голема мера тоа се должи и на неправилниот, би рекол, крајно погрешен пристап кон современата технологија, којашто особено ја потпомага фантазијата на човекот. А фантазијата е својство на умот, но и резултат од дошепнувањата на лукавите сили. Многу луѓе денес, претежно од младите генерации, живеат во фантазија, во имагинарен свет, во некаква дигитална ‘реалност’, што секако не е реалност и претрпуваат сериозни и тешки нарушувања, пред сѐ, на душевното, а потоа и на телесното здравје.

Така, на пример, сега е толку лесно човек, преку технологијата, да биде заведен во гревот на прељубодејството. Впрочем, преголемата присутност на овој грев го прави истиот не толку голем или опасен, па дури и нормален во очите на луѓето. Но, вечерва слушнавме од стихирите за тоа колку страшно и тешко е ова неблагословено поведение и до кои последици доведува. Сите стихири говореа за прељубодејната Иродијада, снаата за брат на царот Ирод, со која тој живееше во незаконска врска. Свети Јован правдољубиво и храбро ги укорувал за овој грев, но таа, наместо покајание и промена, покажала жестокосрдечност и одмаздољубивост, така што побарала од царот, во прилика кога тој славел роденден, угодникот Божји да биде убиен. Гледате ли колку страшно е прељубодејството?

Како духовник сум сведок колку многу бракови се распаѓаат, и тоа христијански бракови, на воцрковени сопружници. Христијанскиот брак, а со него и сето општество, се наоѓаат во застрашувачка ерозија и криза. Денес, можеби како никогаш досега по Христа, е толку актуелна и потребна примената на призивот на Свети Јован за покајание. Од каде оваа ни малку наивна криза? Од тоа што луѓето не внимаваат со техниката, со мобилните телефони, со интернетот и социјалните мрежи. Виртуелниот свет и комфорот зад тастатурата ги поттикнуваат страстите кај човекот и го потхрануваат егоизмот. Ете зошто денес понеопходен од сѐ е постот од прекумерната употреба на технологијата и од безделничењето на социјалните мрежи. Ние Христијаните имаме повеќе пости, четири пати во годината, како и секоја среда и петок, но сум забележал дека многу верници обраќаат непотребно големо внимание на храната, а занемаруваат други, многу поважни работи. Сепак, доколку не се воздржуваме од оваа чудовишна појава на фантазијата преку техниката, залудно е постењето од храна и попусто е одењето во храмовите.

Затоа, мили мои, да го прифатиме покајанието, кое значи преумување и промена на начин на живот, бидејќи без него не е возможно да Го спознаеме преслаткиот Христос. Да ја прифатиме пораката, повикот на милиот наш Претеча и Крстител, Свети Јован, за да ги зачуваме браковите и нашето општество. И денес тој ни вика: „Покајте се, чеда, вие кои со прељуба згазнавте на венците од вашето венчание! Покајте се, вие, кои ја кратите платата на работниците! Покајте се, вие, кои вршите секаква неправда, впуштајќи се во кражби од државната каса! Покајте се, вие, кои распространувате наркотици што ја поттикнуваат демонската фантазија и со тоа илјадници души ги водите во бездната на адот!“ Гласот на оној што вика во духовната пустина нѐ повикува сите да се покаеме и да станеме деца на Божјото Царство. Христијанин е токму тоа – дете на Божјото Царство. Христијанин значи обожен човек. Нема поголем призив на Земјата од тоа да се носи Христовото име. Голема одговорност ни е возложена од Спасителот: Вие сте солта на земјата… Вие сте светлината на светот (Матеј 5,13-14). Следствено, за сѐ што се случува во светот, виновни сме најнапред ние Христијаните. Никој друг. Бидејќи кај нас е просветлението, ние ја имаме Богооткриената вера, спасителното Божјо откровение. Христијанскиот ум, покајаниот ум е просветлен и само тој може да му донесе вистински духовен напредок и благородство на светот.

Нека Чесниот Претеча и Крстител ни помогне на сите нас, овде присутни, но и на сите наши ближни и на сите луѓе, да ја примиме во срцата наши и да ја примениме на дело неговата вонвременска порака: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! После Пресвета Богородица, тој е најголем во застапништвото пред Бога. По неговите најсвети молитви, сите народи и сите луѓе да Го спознаат, преку Духот Свети, Христос, вистинскиот наш Бог и Спасителот на Светот.

Нека ни е честита славата и нека Великиот Претеча Господов го чува ова славно негово Светилиште до крајот на вековите! Веќе 1000 години тоа е незгаслив светилник на нашиот народ и преобразител на нашите срца. Нека го чува Свети Јован нашиот род, та тој да му пали ламбади, кандила и свеќи и да се поклонува пред неговата Чудотворна икона до свршетокот на светот.

 

Амин!

Величието на овој најголем спомен на „најголемиот меѓу родените од жена“ продолжи и денес, со архијерејската Света Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот почитуван надлежен Митрополит, г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во сослужение со нашиот драг некогашен собрат, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, игуменот и Епископ наш г. Партениј, браќата јеромонаси, свештеници и ѓакони од нашата епархија и протојерејот Златко Пуреовски од Брегалничката епархија. А по повод сепразничното торжество, нашиот ценет Митрополит нѐ удостои со вдахновено слово за духовната големина на Свети Јован Крстител:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме Свети Јован Крстител и Претеча на нашиот Господ Исус Христос. Поминаа веќе дваесет века откако овој Божји пратеник живеел и ја извршувал својата пророчка служба, подготвувајќи го еврејскиот народ за дочекување на Месијата и Спасителот на човечкиот род. Свети Јован се јавил како последен пророк и како врска помеѓу двата завета. Неговата проповед која силно одекнала во Палестина, во Јудеја и во Ерусалим, може да се сведе на неколку збора: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Матеј 3,2). Неговите зборови одекнувале како глас на оној што вика во пустината и допирале до многубројните жители на овие краишта. Не само силината на гласот, туку и моќта на неговите зборови го привлекувала тогашното жителство да излезе, да го чуе и да го види овој невообичаен проповедник. Неговата строгост и благодатта Божја која била врз него, како и светиот подвижнички живот на Јован, предизвикувале восхит кај народот, кој слушајќи го се поправал, каел и исправал, менувајќи го својот живот. Неговите слушатели, со покајание брзале да ги исполнат прописите на Мојсеевиот Закон.

Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј

Проповедта на Свети Јован кај тогашниот естаблишмент, како политички, така и верски, претставувала опасност и закана, бидејќи мноштво народ пошол по свети Јован и будно ги следел неговите совети. Така многумина силници се исплашиле за својата моќ и влијание. Дури мнозина и од нив пристапувале кон него и го прашувале што треба да прават. Но, најголемиот дел од нив, водени од својата гордост и суета, испраќале свои емисари за да го прашаат кој е тој – дали е Mесијата или пророк, за да им пренесат на оние што ги пратиле. Овој Божји угодник им одговарал дека тој е оној за кого уште пророкот Исаија рекол: „Гласот на оној кој вика во пустината, говори: Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог“ (Иса. 40,3).

Проповедта на свети Јован продирала длабоко во срцата и душите на луѓето кои го слушале, а тој, пак, со Божјата благодат која ја поседувал, ги читал мислите и желбите на луѓето. Затоа сите подеднакво ги прекорувал и ги советувал да се поправат. Фарисеите и книжниците, најстрого ги укорувал, именувајќи ги „породи змиини“, бидејќи иако го познавале Законот, самите го извршувале само надворешно и лицемерно. На цариниците им укажувал да не наплаќаат повеќе од потребното и наложеното од римскиот закон, на војската да постапува човечки, а не да го притиска невиното население. Во тој дух, скоро на сите им укажувал за слабостите, грешките и гревовите и барал нивно поправање и подготовка за дочекување на Синот Божји, Кој ќе ги крштева со Дух и вистина. За крштението кое го извршувал со вода, велел дека е само подготовка за вистинското крштение со Светиот Дух.

Исполнувајќи ја волјата Божја, свети Јован бил неустрашлив критичар на сите сталежи, па затоа не го поштедил ниту царот Ирод, кој на незаконит начин ја зел Иродијада – жената на неговиот брат Филип. Токму ова изобличување на гревот, го натерало царот Ирод да го замолчи, ставајќи го во затвор. Иако Иродијада барала да биде погубен и така да се спаси од јавното изобличување од страна на овој неустрашлив слуга Божји, Ирод во почетокот не презел толку радикални мерки. Тој имал извесна почит кон Јован како кон пророк Божји и се плашел да го убие. Но, при една свечена прослава по повод Иродовиот роденден, ќерката на Иродијада толку ги развеселила гостите, што поднапиениот Ирод и ветил дека ќе и даде сè што ќе посака, па дури и половина од неговото царство. Таа, поучена од мајка си, ја побарала главата на Свети Јован Крстител. На овој начин Претечата Божји го завршил својот земен живот. Токму овој е поводот по кој ние денес се собравме во овој Свештен Манастир.

Наоѓајќи се денес овде, да се подучиме од животот на Свети Јован. Да се сетиме на неговата цврста и непоколеблива вера, неговата правдољубивост и вистинољубивост, неговата недволичност, искреност и чесност. Овие принципи да ги усвоиме и во нашите животи, па постапувајќи и живеејќи така, да измолиме милост Божја. Да го поминеме животот христијански и богодолично. По молитвите на Свети Јован Претеча, Бог да ги услиши нашите молби, за да добиеме милост и благодат од Севишниот. Да се надеваме дека на овој начин ќе се најдеме на десната страна при страшниот и праведен суд и ќе се вселиме во вечното царство.

Амин.

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-1

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-2

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-3

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-4

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-5

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-6

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-7

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-8

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-9

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-10

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-11

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-12

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-13

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-14

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-15

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-16

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-17

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-18

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-20

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-21

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-23

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-22

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-24

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-25

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-26

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-27

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-28

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-29

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-30

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-31

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-32

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-33

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-34

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-35

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-37

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-36

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-39

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-40

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-42

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-41

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-43

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-44

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-45

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-46

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-47

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-49

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-48

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-50

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-51

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-52

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-54

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-53

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-55

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-56

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-58

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-57

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-60

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-61

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-62

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-63

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-64

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-65

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-66

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-67

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-68

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-69

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-70

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-71

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-72

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-73

Manastirska-slava-Sv.-Jovan-Krstiel-2020-74

prevzemeno od :https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/iljadagodishnata-bigorska-obitel-go-slavi-svojot-patron/