Јубилејно интервју со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф по повод 10 годишнината од неговата интронизација
По повод десетгодишнината од интронизацијата за прв Митрополит на Тетовско-гостиварската православна епархија, Неговото високопреосвештенство Митрополитот г. Јосиф даде пригодно интервју за Gostivarppress.mk Во интервјуто, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф ја искажа својата благодарност најнапред до Бога за Неговата помош во архиерејското служење, а потоа и до верниот народ од епархијата за соработката и довербата.
Митрополитот г. Јосиф во интервјуто, зборува за развојот на Тетовско-гостиварската епархија, за неговите први работни задачи, евоцира спомени од неговата интронизација, во продолжение разговаравме и за бројните проекти и активности кои се реализирани во оваа деценија од основањето на епархијата, за Лешочкиот манастир и за светиот Кирил Лешочки, за идните предизвици и за неговите планови за работа во следниот период, како и за она што го мотивира во архиерејската служба.
„Неговиот мудар живот, нековите поуки, како и сето тоа што успеал да го направи за народот и за манастирот во Лешок во едно исклучително тешко време ни се секогаш поттик и образец за вистинско неимарско работење и грижа не само за верните, туку и за црковниот имот. Неговата секојдневна закрила, неговото присуство и застапништво е големо и силно и тоа не го чувствуваме само ние кои живееме на овие простори и во близина на неговите мошти, туку и големиот број на поклоненици кои се поклонуваа на неговите мошти во неговиот и наш манастир во Лешок. Без помошта и благословот на Св.Кирил Лешочки немаше да успееме да го обновиме Лешочкиот манастир, како градителски, така и духовно“ - Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
„Да го чуваме Православието, тоа е единствена вистина и прилика за спасение на овој залутан свет“
Ваше високопреосвештенство ни претставува голема чест што ја прифативте нашата покана да поразговараме со Вас по повод десет годишниот јубилеј од Вашето назначување за Митрополит на тогаш новооснованата епархија Тетовско-гостиварска, која воедно оваа година навршува 10 години од своето постоење. Ве замолуваме на почетокот на ова јубилејно интервју да ни кажете нешто повеќе за тие важни моменти од Вашиот живот, какви се денес после цели 10 години сеќавањата на Вашата интронизација, што ви остави неизбршилив впечаток, каква беше тогаш состојбата во Епархијата и кои беа Вашите први предизвици и задачи?
Ми претставува чест и задоволство за поканата и за можност преку ова интервју во оваа јубилејна година за мене и за Тетовско-гостиварската православна епархија да се обратам до пошироката јавност. Исполнувањето на 10-годишното митрополитско служење е посебен повод, најнапред да Му заблагодарам на Бога за сите дарови со кои нè благослови и кои ги излеа во нашата Епархија во овој период, а потоа и на сите оние кои помогнаа овие благодатни дарови да бидат плодни. Иако поминаа цели десет години од миговите кога се случи мојата интронизација, лично јас како архиереј на овие простори секогаш се сеќавам на тој настан, кој претставува почеток на моето митрополитско служење. Тогаш, пред 10 години, на 03 ноември 2013 година, пред полнотата на Црквата, пред членовите на САС на МПЦ-ОА, пред свештенството и пред верниот народ јавно се заветив дека ревносно ќе и служам на Црквата и ја објавив мојата програма за работа, моите приоритети во архиерејското служење на чие исполнување активно работевме изминатиот период. Како член на САС на МПЦ-ОА во периодот пред конституирањето на епархијата непосредно учествував и бев делумно запознаен со приликите, кои ме очекуваат. И тогаш и денес се радувам што Божјата промисла ме донесе да бидам прв митрополит покрај прекрасни верници, во предели со богата црковна историја, кои низ времето биле нераздвоен дел од богатата историја на славната Охридска архиепископија, но кои низ бурните времиња доживееале и разни неприлики. Неизбришлив впечаток ми остави радоста на лицата на верниот народ, кој што учествуваше на моето устоличување, прекрасниот и топлосрдечен прием и поддршката која ја добивав од сите нив за што искрено им благодарам. На самиот почеток се соочивме со низа предизвици и задачи: ја регистриравме епархијата, ги основавме првите тела и органи, извршивме низа каконски визитации на намесништвата и црковните општини ширум епархијата со цел детално да се запознаеме со сите тековни проблеми, со кои се соочуваат верниците со цел истите да ги решиме и што е најважно од сè главна задача ни беше да ја интензивираме духовната мисија помеѓу нашиот народ.
„Тогаш, пред 10 години, на 03 ноември 2013 година, пред полнотата на Црквата, пред членовите на САС на МПЦ-ОА, пред свештенството и пред верниот народ јавно се заветив дека ревносно ќе и служам на Црквата и мојата Епархија. И тогаш и денес се радувам што Божјата промисла ме донесе да бидам прв митрополит покрај прекрасните верници во Тетовско-гостиварската Епархија“. – Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
Верниците кои живеат во просторите на оваа Епархија споделуваат дека има видлив напредок на црковниот живот предводен од Вас, па затоа би била добра прилика да ја запознаете и пошироката јавност за плодовите на Вашето архипастирствување овие години?
Како што дадов ветување и како што нагласив во мојата беседа на интронизацијата дека „примарното во моето секојдневно пребивање на епископскиот трон ќе биде духовната градба на нашата епархија“ изминатиот период пред сè со Божја помош се потрудив заедно со свештенството и со верниот народ да го продолжиме богоугодното дело на нашиот претходник и да го возобновиме духовниот живот во овие краишта, во кои дојдов како митрополит и човек за да го предводам црковниот живот и за да работам на доброто на Црквата во нејзината полнота. Откако направивме увид по населените места и на храмовите низ епархијата прво нешто што беше забележливо е тоа дека во некои од нив е потребно итно да се извршат низа градежни активности и санација, односно обнова, а на некои места беше предочена и потреба да се започне изградба на нови храмови. Затоа започнавме со изградба и реновирање на повеќе цркви и манастири, како и со разни градителски потфати со цел да се обезбедат подобри услови за богослужбен живот, но и за административно функционирање на епархијата. Извршивме реконструкција на административната зграда при Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, која ја адаптиравме во митрополитска зграда. Потоа започнавме со целосна обнова и на Соборниот храм. Среќен сум што оваа година истиот го доукрасивме со фрескоживопис. Паралелно се работеше и на административната зграда во Гостивар, каде што осветивме камен темелник и започнавме со изградба и на нов храм посветен на Преображението Господово во населбата Циглана. Низ годиниве изградивме и осветивме повеќе храмови и тоа во Туденце, Мала Речица, Стенче, во Маврово, и на други места. При крај сме и со реконструкцијата на храмот во Брвеница. Посебно внимание посветивме и на манастирите и на нивните објекти. Го доизградивме и осветивме конакот во манастирот „Свети Наум“ на Попова Шапка. Додека во Лешочкиот манастирски комплекс, иако се соочивме со многу проблеми сепак успеавме да изградиме нов конак, кој беше повеќе од потребен. Исто така започнавме и обнова на стариот конак, која е сеуште во тек. Извршивме и партерно уредување и изградивме паркинг. Она што е особено важно е тоа што успеавме да иницираме и да се започне со ревитализација на иконописот и санација на кровот на стариот манастирски храм „Успение на Пресвета Богородица“, каде се откри и нов слој на иконопис.
Освен со градителската дејност, посебно внимание посветивме и на просветителската и на хуманитарната дејност. Го формиравме Епархиски просветен совет, преку чија работа од печат излезе и епархиското списание „Огледало“ во повеќе броеви. Во Лешочкиот манастир оспособивме објект како културен центар, во кој низ годините се одржуваат разни просветни и културни активности. А што се однесува на харитативната дејност се трудиме редовно да ги помагаме најзагрозените социјални семејства, болните лица, како и сите оние кои имаат потреба од помош.
Минатата година со канонизацијата за светител на преподобниот Кирил Лешочки успешно заврши и постапката, која ја инициравме и водевме изминатиот период, а нашата епархија доби и свој патрон и заштитник пред Бога.
Посветени бевме и на развој на односите со сите општествени чинители, како и на меѓуверскиот дијалог и соживот сѐ во интерес на нашите верници.
Ова се само дел од сите нашите досегашни активности, кои се воочливи и со радост прифатени од нашите верници за што особено се радувам. Но најголема радост ми причинува тоа што овие години успеавме преку духовната мисија да го зголемиме интересот на нашите верници за литургискиот живот и за нивното активно учество на богослуженијата, кое е од најсуштествена важност за нашата работа. Како епархија и во иднина ќе се трудиме да работиме на црковниот развој на овие простори потполно транспарентно и во интерес на сите верници.
Несомнено Вашата досегашна служба ја одбележа канонизацијата на преподобниот Кирил Лешочки, чии свети мошти денес почиваат во Лешочкиот манастир. Дали се чувствува закрилата на светиот Кирил во водењето на Епархијата, како и во тековната обнова на Лешочкиот манастир?
Во повеќе наврати сум зборувал за значењето на канонизацијата на светиот Кирил Лешочки за Тетовско-гостиварската епархија. И во оваа прилика кога веќе помина една година од тој значаен настан за целата МПЦ-ОА сакам да укажам дека неговата секојдневна закрила, неговото присуство и застапништво е големо и силно и тоа не го чувствуваме само ние кои живееме на овие простори и во близина на неговите мошти, но и големиот број на поклоненици кои се поклонуваа на неговите мошти во неговиот и наш манастир во Лешок. Она што сакам да го истакнам е дека покрај несомнената закрилата на светиот Кирил, ние добивме и голем благослов со неговата канонизација, бидејќи добивме и образец за тоа како треба праведно да живееме и да работиме за црквата Божја. Неговиот мудар живот, нековите поуки, како и сето тоа што успеал да го направи за народот и за манастирот во Лешок во едно исклучително тешко време ни се секогаш поттик и образец за вистинско неимарско работење и грижа не само за верните, туку и за црковниот имот. Се трудиме да одиме по неговите стапки во раководењето на епархијата и во започнатата обнова на Лешочкиот манастир, која ја сметам за аманет токму од него. Мислам дека без неговата помош и благослов немаше да успееме да го обновиме Лешочкиот манастир, како градителски, така и духовно. Тој е и ќе продолжи да биде наша поткрепа и секако пример за следење.
Каков е денес секојдневниот живот во Епархијата и со какви предизвици се соочувате Вие, свештенството и Вашиот верен народ?
Секое време си носи свои предизвици и проблеми, но и убави мигови. Епархијата денес по цели 10 години од нејзиното етаблирање функционира и е постојана поткрепа на својот народ. Јас заедно со свештенството секојдневно си ги извршуваме своите задачи и црковни служби, а тоа значи дека служиме Литургии и дека ја проповедаме евангелската порака на народот. Исто така, во Митрополијата во Тетово секојдневно ги извршуваме сите административни должности, остваруваме приеми, контакти и состаноци за унапредување на црковниот живот во сите делови на епархијата. Изминатиот период се соочуваме со повеќе тековни предизвици од градежна и реставраторска природа во градските, но и во руралните средини. Освен градителските реконструктивни потфати во Лешочкиот манастирски комплекс, во тек е доизградбата на повеќе храмови, тука би ги споменал храмовите: „Свето Преображение“ во населбата Циглана во Гостивар, храмот „Свети Атанасиј Велики“ во општина Брвеница, но и многу други кои се во тек на изградба или реконструкција. Како Епархија, освен со изградба на нови храмови, сме зафатени и се грижиме да ги одржуваме храмовите, кои сме ги наследиле од нашите предци, кои повеќето се и прогласени за значајно културно богатство. Но, после повеќето и разни кризи во нашето општество во континуитет главен предизвик ни е духовниот добробит и напредок на секој еден наш верник.
Црквата е нераздвојна од својот народ – бидејќи без народ нема црква. Токму затоа како Епархија секојдневно сме со нашиот народ. Народните проблеми се и наши проблеми и предизвици. Затоа и јас колку што ми дозволуваат обврските, а особено моите свештеници гледаме да сме постојано помеѓу својата паства и од теренот да ги решаваме сите нивни верски потреби. Како дел од овој народ, како човек, но и како духовен отец свесен сум за сите искушенија на нашиот народ на овие простори, но и пошироко во нашата држава. Затоа се трудам и ги поттикнувам сите луѓе со добра волја да си помагаат едни со други, ги поттикнувам да ги надминат разликите, да бидат сплотени во верата, љубовта и надежта во Бога.
Кои се Вашите планови и програма за следниот период?
Како и досега и во иднина ќе се трудам со сите мои сили чесно и достоинствено да си ја извршувам архиерејската служба, ревносно исполнуваќи ги своите задачи како митрополит. Програмата и плановите за моето понатамошно архиерејско служење произлегуваат од моите главни должности како архиереј и од потребите на народот. Моја главна обврска е да служам Литургија, да го проповедам Евангелието на Христа распнатиот и воскреснатиот, секојдневно сведочејќи го Христос, да го проповедам Неговото слово, да ги повикувам луѓето да пристапуваат кон Него, да живееат црковно согласно верата, да постат, да се исповедаат и причестиваат на тој начин преобразувајќи се во вистински христијани и така спасувајќи се од сите искушенија, кои во овој современ свет го мачат постојано целокупното човештво.
Накратко кажано на разни начини првенствено преку црковниот амвон, но и надвор од храмовите ќе се трудам да ги насочувам со збор и со дело сите верни чеда кон Царството небесно, обидувајќи се колку што е можно и поединечно да допрам и да му помогнам на секој еден наш верник на патот на спасението. Со сите мои сили ќе се грижам и за најмладите помеѓу нас, за нашите млади чеда, за кои постојано ги принесувам моите молитви кон Бог, да им помогне на нивниот животен крстопат во кој често се наоѓаат со цел правилно да го осмислат својот живот. Ќе работиме да се зачува семејството – домашната црква како најважна клетка во парохискиот живот, посебно внимание ќе посветиме и на развој на хуманитарни активности кај најранливите категории. Секако ќе продолжиме и со изградба, реновирање и обнова на храмовите и манастирите.
За сето ова мое делување и понатака ја барам и надевам на пред сè на Божјата помош, но и на молитвите на сите мои верници, бидејќи сплотени и заедно можеме да направиме многу повеќе за нас и за целата заедница. Како епархиска управа остануваме отворени за сугестии, предлози и проекти од нашите верници со кои сме во постојан контакт.
„Моја главна обврска е да служам Литургија, да го проповедам Евангелието на Христа распнатиот и воскреснатиот, секојдневно сведочејќи го Христос, да го проповедам Неговото слово, да ги повикувам луѓето да пристапуваат кон Него, да живееат црковно согласно верата, да постат, да се исповедаат и причестиваат на тој начин преобразувајќи се во вистински христијани“. – Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
Што е тоа што Ве поттикнува во Вашата служба, која мисла е водилка во Вашиот живот и кое е Вашето животно мото?
Има доста работи и мисли, кои испиративно ми делуваат и ми даваат мотив и елан да бидам колку што можам повеќе активен во животот и во службата помеѓу довереното ми стадо. Како архиереј, постојан императив ми е Христовата заповед преточена во вечниот евангелски повик: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28,19) Оваа заповед е многу одговорна и за нејзино исполнување треба длабока посветеност, трпение и упорност. Кон реализација на Христовата заповед, често ме мотивира народната мудра изрека „работата човекот го краси, а мрзата го гнаси“. Во таа насока особено се значајни и зборовите на светиот апостол Павле, кој во едно од своите посланија вели: „кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2 Сол. 3,10). Од досегашното искуство слободно можам да кажам дека љубовта кон секоја дејност, работа или пак служба е најзначајна, посебно пак кога станува збор за свештеничкиот позив. Љубовта кон Бога и кон ближниот како две најголеми Божји заповеди – треба да е мисла водилка во животот на секој еден човек. Се трудам во животот и во службата секојдневно да ги проповедам, исполнувам и практикувам тие заповеди. Мое животно мото се зборовите „Не прави им го на другите – она што и тебе не сакаш да ти го прават“ (сп. Лука 6,31).
„Со сите мои сили ќе се грижам за најмладите помеѓу нас, за нашите млади чеда, за кои постојано ги принесувам моите молитви кон Бог, да им помогне на нивниот животен крстопат во кој често се наоѓаат со цел правилно да го осмислат својот живот“. – Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
На крај оставаме простор, како владика и духовен отец да се обратите со порака до Вашите духовни чеда и до сите верници во оваа Епархија?
Како надлежен епархиски архиереј на Тетовско-гостиварската епархија Ви благодарам за издвоеното време, како и за просторот и преку Вашиот медиум да упатам порака до моите верни чеда. Најнапред сакам од длабочините на моето срце уште еднаш да им се заблагодарам за сѐ, за нивната љубов и грижа, за нивната почит кон мене како кон нивен владика. Живееме во тешки времиња, сведоци сме на војни низ светот, на сиромаштија, на разни пандемии и девијации, на нешта што се резултат и производ на моралната ерозија што нажалост се случува на сите краишта во светот. Во едно вакво време на сеопшта отуѓеност, апатија, депресивност, кога материјалното станува поважно од духовното, кога се повеќе слушаме за пороци, разводи и масовни убиства, секој од нас како верник со своето почесто доаѓање во храмот треба да се преиспита за своето однесување, за своите дела и да се труди да постане подобар човек во согласност со евангелските принципи предадени на човештвото од нашиот Бог и Спасител Христос. Затоа мојата денешна порака до сите мои верни чеда е да не се плашат од времињата што доаѓаат, туку да шират љубов, да веруваат и да се надеваат во Христос, Кој е единствена утеха на секој еден од нас. Чувајте го Православието бидејќи тоа е единствена вистина и прилика за спасение на овој залутан свет. Почесто посетувајте ги храмовите, учествувајте на богослуженијата, мислејќи на сопствената душа и на нејзиното очистување и спасение. Да не го оставаме нашето спасение за подоцна, туку да бидеме постојани во верата. И она што е најважно да Го имаме Христос во срцето, бидејќи само така сѐ ќе биди во ред. Исто така чувајте ја светоста на бракот и правилно воспитувајте ги децата во верата уште од најмали нозе. Натпреварувајте се во смирението и трпението и сакајте се едни со други. Грижете се за послабите и покревките меѓу вас и трудете се да бидете во мир со секој човек. И не заборавајте да се радувате на животот!
„Не се плашете од времињата што доаѓаат, ширете љубов, верувајте и надевајте се во Христос, Кој е единствена утеха на секој еден од нас. Чувајте го Православието бидејќи тоа е единствена вистина и прилика за спасение на овој залутан свет“. – Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, октомври 2023, Gostivarpress.mk.