Лампсакискиот Чудотворец – Бигорска слава
дново блеска Бигорската обител, преисполнета со своите бројни духовни чеда, кои пристигнаа водени од една мисла – да му вознесат молитви и слава на Светиот Лампсакиски Чудотоворец Партениј, зашто тој, еве, веќе 25 години молитвено стои пред Престолот Божји и посредува за нивниот сакан Старец кој го носи неговото славно име. И не е случајно тоа што Бог го просветли нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, да му го даде токму тоа име: подобно на Светиот Партениј и бигорскиот Старец најгласно зборува со јазикот на љубовта и смирението, кој ги отвора срцата и прави од нив живеалишта Божји. Вчера и денес, храмот во полн сјај го објавуваше плодот на таа 25-годишна смирена жртва на Старецот за своите чеда. Многубројни озарени лица соединети во огнена молитва, сплотени во радоста на својот татко. Со искрена благодарност кон Светиот што него толку благодатно го поткрепува и таинствено просветлува, што со благослов го умножува трудот на неговите раце, што му дава сили во тешките искушенија, борби и подвизи. И со смирен поклон пред својот духовен родител кој токму заради пожртвуваната Христова љубов кон нив, 25 години храбро ги носи тие испитанија и борби. Во сите нивни неволји и таги тој зел удел, сострадално го понел нивното бреме, сега тие благодарно земаат удел во неговата радост.
Монашкото семејство како најверни сопатници први ги отворија своите благодарни срца. Тие го слеаја својот молитвен глас во краткото слово на првиот јеромонах во Обителта, отец Доситеј и му упатија на Старецот честитки за важниот јубилеј – 25 години неуморно свештенослужење за слава Божја:
Јеромонах Доситеј Бигорски
„Ваше Високопреподобие, наш возљубен игумен, старец и татко во Христа,
Преподобни и чесни отци, мили браќа и сестри во Христа,
Би ве замолил да ми дозволете да се обратам од името на братството и сестринствата и на сите наши браќа и сестри во телото Христово, со кои сите заедно, најтопло и сесрдечно Ви го честитаме овој јубилеен именден. Собрани сме вечерва во овој свештен собор, за еднодушно да го прославиме светлозарниот и сечесен спомен на Светиот отец наш Партениј, епископот Лампсакиски и голем Христов Чудотворец, сега благодатно присутен среде нас, и усрдно да го помолиме да продолжи молитвено да се застапува за Вас пред тронот на величието Божјо, за Ваше духовно и телесно здравје, за благоуспевање во добриот подвиг и за вечното спасение.
Вие, со Вашите непрестајни молитви и макотрпни трудови и заложби, се вложивте како жив принос, жртва сепаленица, за севкупното воскресение, и материјално и духовно, на Светата и славна илјадалетна Бигорска Обител на Чесниот Претеча, како и за големиот духовен препород во нашата Македонска православна црква – Охридска Архиепископија.
Како град што свети на врв планина и како Христов монах со високо развиено чувство на доброљубие и убавољубие, кој го возљубил благолепието на Славата Божја и на Господовиот Дом, го претворивте Претечевиот храм во една верна изобразба на Храмот во Небесниот Ерусалим и подобно на Великиот Пастир, нашиот Спасител Господ Исус Христос, собравте околу себе верна и добра апостолска синодија, имајќи го во сето тоа молитвеното покровителство на славниот Претечена и на Светиот Партениј Лампсакиски. Верните Христови чеда што имале можност да присуствуваат и молитвено да учествуваат на мистагогиите, на свештените литургиски тајнодејствија во ова парче рај на земјата, се чувствуваат како да пловат во кораб, чиј кормилар е Самиот Христос, кораб кој плови кон мирното пристаниште на Божествениот спокој и на небесната радост. Монасите кои овде се подвизуваат и спасуваат, се чувствуваат безбедно во Вашето присуство, како деца околу грижлив и пожртвуван татко, а се разбира, истото важи и за сестрите во Пречистанскиот Манастир на Пресветата Богородица, нашата семилостива Мајка, и за сестрите од обителите на великиот Христов Војвода, Свети Георгиј, во Рајчица и Кнежино, кој како Победоносец, постојано го испраќа својот благослов и благодатна сила врз нас.
Оваа јубилејна, илјадита година од основањето на нашата Свештена Обител, по Божја Промисла се совпаѓа со Вашиот 25-ти по ред именден, со четврт век монашки подвиг и свештенослужење и со половина век физичка возраст. Години исполнети со титански подвиг, саможртва, духовна бодрост и трезвеност, со ревносна готовност ‘да Му се служи на Господа’!
На многаја и благаја лета, наш најсакан татко во Христа, наша радост и пофалба! Благословете и простете и примете го овој наш скромен дар, оваа рачно навезена мандија, та достојно да ја носите како вистински прв во Вашата мандра!“
Како одговор, пак, на ова синовско обраќање, Старецот ја излеа својата благодарност од срцето, преточувајќи ја во едно топло и трогателно слово:
„Би сакал, најнапред, од сето свое срце да му заблагодарам на мојот драг собрат, отец Доситеј, економот на оваа Свештена Обител и мој долгогодишен и верен сотрудник и соборец, кој, еве, веќе 25 години е неразделно до мене, како моја помош и потпора – за убавите и полни со љубов зборови, што јас не ги заслужувам.
Сесрдно му благодарам и на Високопреподобниот Архимандрит Матеј, светогорски монах и клирик на братската православна Црква во Грција, приврзан и срдечен пријател на нашето братство, за неговото скапоцено присуство вечерва со нас.
Бескрајно ви благодарам и на сите вас, мили мои гости и духовни чеда, не само од Македонија, ами и од Бугарија, Грција и Србија, што допатувавте дотука за да ја споделите заедно со нас радоста и убавината од денешното црковно празнување – попразненството на Сретението Господово и споменот на големиот Христов угодник и чудотворец, Свети Партениј, епископот Лампсакиски. Ете, по Божја промисла и по благоволението и просветлението на духовниот татко на нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија, Митрополитот г. Тимотеј, неговото славно име недостојно го носам и јас, последниот, веќе 25 години.
Архимандрит Партениј Бигорски
Впрочем, самата оваа разнолика соборност вечерва овде, ни сведочи дека Црквата е една, света, соборна и апостолска, дека е едно тело Христово, во кое ние одделно сме членови (Сп. 1. Кор. 12,27). Сите ние заедно, значи, го сочинуваме големото и прекрасно семејство на Христа, Кој штедро нѐ собира, без разлика кои сме, од каде сме, што сме. Како што вели Светиот Апостолот Павле: сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус; сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Гал. 3,26-28). Ви благодарам, мили мои духовни чеда, што, притекнувајќи од сите страни со толкава љубов, вие тоа на дело го сведочите. Неизмерно Му благодарам на Бога за сите вас, за тоа што преку нас и заедно со нас, се учите вистински да Го љубите Христа, а не нешто лажно и прелестно; се учите на богољубие, а не на човекоугодништво. За мене најголема радост е кога ве гледам како сведоци на Христовата безусловна љубов. Самите вие знаете и можете да потврдите дека никогаш не сум ве учел да осудувате и да клеветите, а особено сум ве опоменувал да не го правите тоа со клирот на Светата Црква, бидејќи тоа е страшен престап. Верувајте дека оние што било во себе или јавно го осудуваат и клеветат духовенството на Црквата, не можат духовно да напредуваат, туку, напротив, сосема ќе пропаднат. Затоа, чувајте се од осудувањето. За жал, во денешно време гледаме како многу Христијани се осмелуваат јавно, по социјалните мрежи, да осудуваат епископи, свештеници, монаси, духовници… Но ние, мили мои, да бегаме од тој дух. Да го почитуваме сиот клир на Црквата со должна почит. Освен тоа, не смееме, ние верниците да се делиме според нашиот духовник и според тоа во кој манастир или во која црква се црквуваме. Што уште ни зборува Апостолот Павле во врска со ова? Чув за вас, браќа мои, им пишува тој на верниците, дека меѓу вас имало кавги. Сакам да ви кажам дека секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Аполосов“, „Јас сум на Кифа“, „Јас, пак, Христов“. Па зар Христос се раздели? (1. Кор. 1,11) Следствено, мили мои, вие немојте да се делите и доколку забележите некој што така прави, поучете го со љубов дека не е во ред тоа.
Непрестајно да се трудиме во подвигот на меѓусебната љубов – тоа е најважното. Така ќе бидеме од полза и за Црквата и за општеството и за Татковината. Секако, наша вистинска и вечна Татковина е, пред сѐ, вишниот Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим (Евр. 12,22). Но, оној кој го избирал него за своја Татковина и го насочил својот живот кон Царството небесно, тој неизоставно ќе знае вистински да ја вреднува и љуби и својата земска Татковина, та ќе биде подготвен дури и да се жртвува за неа на правилен начин, без да запаѓа во лажен патриотизам или идолопоклонство. Господ Исус во Евангелието вели: По нивните плодови ќе ги познаете (Матеј 7,16). Во никој случај не сакам да се фалам со ништо друго, освен со Крстот Христов (сп. Гал. 6,14), но делата што братството на овој Манастир ги прави за милата ни Македонија, самите нека говорат, а јас ќе молчам.
Вие знаете дека како човек со слабости секогаш барам прошка од вас, кога нешто ќе ви згрешам или ќе ве повредам. И оваа вечер, исто така, смирено барам прошка од сите вас и ве замолувам секогаш да ме спомнувате во вашите лични молитви. Зашто, Божјата промисла одредила да бидам игумен на оваа илајаделетна Обител, да бидам прв среде моите браќа монаси, а оние што се повикани да бидат први, имаат огромна одговорност пред Бога. Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите (Марко 10,44) – вели Господ. Значи тие што се на челни места во Црквата, треба да се, всушност, најголемите служители. Во овие изминати 25 години, со Божја помош, сум се трудел секого од вас да го ислушам, да посоветувам, да утешам, да сочувствувам… Сега топло ве замолувам, да се помолите за мене на мојот небесен закрилник, да ми дава сили и просветление, ревносно да ја продолжам мојата духовничка служба и непосрамено да го носам неговото богопрославено име Партениј.
Светиот отец наш Партениј е личност што ја прави видлива за нас силата за Царството Божјо. Погледнете колку само векови поминале од неговото упокојување, а тој сѐ уште не престанува да твори чудеса, да нѐ заштитува, да посредува за нас пред Бога, како вистински жив пастир на Црквата. Дејствително е жив, затоа што постанал сместувалиште на вечноживиот Бог. Вечерва, во една од стихирите на Богослужбата, химнографот го опиша Свети Партениј како жар на Светиот Дух: „Жар на Утешителот си бил со доблесниот живот, отче преподобен, горејќи ги како гнилеж демонските заседи…“ Жар на Утешителот. Како се станува жар на Духот Свети, светлина на Бога? Единствено преку Божествените несоздадени енергии. Да се потсетиме за момент на Преображението Господово. Што, всушност, се случило тогаш на гората Тавор? Учениците Јован, Јаков и Петар ја виделе Божествената светлина, којашто зрачела од нивниот преобразен Учител. Господ Христос им покажал на учениците дека е можно и телото човечко да биде носител на Божествените енергии. Дотогаш оваа несфатливо силна Божја енергија била сокриена од нив. Не дека неа ја немало во Христа, туку тие не можеле да ја видат дотогаш. Пресветата Богородица, на пример, уште од самото зачнување од Светиот Дух, живеела со таа огромна Божја благодат. Но, после Воскресението на Господа, Божествената обожувачка енергија станала достапна за секој подвижник во љубовта кон Бога. Преку неа се осветиле и обожиле апостолите, мачениците, преподобните, праведните. Со неа се причестил и кон неа се приопштил и денешниот голем славеник, Светиот Партениј; засветлил со нетварната светлина уште за време на животот, за да заблеска во полнота во небесната Црква, од каде сега ни испраќа големи благослови. Примерите на обожение што ни ги оставија Светиите, покажуваат дека благодатниот живот во Христа, преку соединувањето со несоздадените енергии на Светиот Дух, е не само можно, ами и неопходно за сите нас. Оти, токму тоа е и нашето предназначение – да бидеме синови Божји, богови по благодат.
Простете ми и уште еднаш, од сѐ срце ви благодарам што ме удостоивте да ги видам денес вашите озарени лица. Тие ми се утеха и поттик да продолжам да се борам и понатаму. Вашата љубов е таа која постојано ме поттикнува да се трудам и да го издржам тешкиот пат на монаштвото и на духовништвото. Не ја заборавајте љубовта, не го заборавајте единството. Непрестајно сведочете за нив. Прегрнете ги со молитва и љубов сите, вклучително и оние што нѐ осудуваат и озборуваат. Да си простиме сите и да се сакаме еден со друг, за да можеме да се наречеме Христови ученици.
Ви благодарам уште еднаш на сите!“
Во продолжение на таа благодарствена ноќ беа прочитани и заедничките писма-честитки од духовните чеда на Старецот од Охрид, Струга и Кичево.
Следниот ден празничното чествување уште повеќе се збогати со присуството на нашиот монахољубив архиереј, Митрополитот Тимотеј и драгите наши гости, Митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и Епископот Стобиски Јаков, кои со своите архиерејски молитви уште посилно го испросија благословот на Светиот Партениј за сите нас. А како благодарност за неговото прво служење во Бигорски како епископ, Архимандрит Партениј му подари на владиката Јаков една прекрасна архиерејска митра, изработена од трудољубивите раце на монахињите во Рајчица. Притоа, нашиот Старец ги побара неговите архиерејски молитви за нашата монашка синодија. Од своја страна, Епископот Јаков срдечно ја искажа својата благодарност кон Старецот, истакнувајќи го значењето на монашките молитви.
Величието на денешното торжество го украси нашиот возљубен владика, Митрополит Тимотеј, со својата пригодна беседа, посветена на карактеристиките на добриот пастир во Црквата, истакнувајќи го примерот со Лампсакискиот Чудотворец.
Чувството на пасхална радост што ја заплиска Светињата претходната вечер, ја достигна својата полнота на свечената празнична архиерејска Литургија и се прелеваше во срцата на присутните собрани во единство околу жртвата Христова. Еден од нив беше и духовното чедо на Старецот Иван Иваноски по потекло од с. Битуше, кој пристигна дури од далечната Украина, за на саканиот Старец да му го принесе својот со љубов приготвен дар – еден прекрасен, уникатен портрет од Старецот, изработен со посебна техника од килибарна прашина и цели парчиња од килибар, како и уметничка слика од Манастирот, во истата техника.
Немаше поубаво сведоштво за вистинското татковство на нашиот мил пастир од оваа прекрасна заедница на толку многу верни чеда што го украсија манастирот со својата љубов и верност кон Христа и радост поради заедничарењето со Него.
На многаја лета наш возљубен татко во Христа!
izvor:https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/lampsakiskiot-chudotvorec-bigorska-slava/