Митрополитот г. Јосиф: За Велигден да бидеме во храмовите, со едно срце и една душа да го славиме Бога

Во пресрет на големиот Христијански празник Велигден, направивме екслузивно интервју со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.

1.Што претставува Христовото воскресение – Велигден за луѓето и светот?
Воскресението Христово е остварување на очекувањето за спасение на човекот и светот. Христос со Својата жртва, со Својата смрт ја победи смртта, најголемиот проблем на човековото постоење. Ја победи причината која нѐ одделуваше од присната заедница со Бога. Со Своето воскресение, Христос нѐ приведе повторно кон Бога и со Својот пример ни покажа како да го постигнеме сопственото воскресение.

2. Велигден зазема централна точка во христијанската вера, дали на човекот воскресението на господ Исус Христос му дава правец како тој да го обликува својот живот и своите постапки?
Не само воскресението, туку севкупниот Христов живот. Неговото послушание, смирение, трпение, Неговиот подвиг и крстната смрт. Во Неговата личност ние го имаме новиот Адам, кој го исполни делото што требаше да го направи, а не го направи – зашто отпадна од Бога, првородениот Адам – да го приведе сето создание кон Создателот.

3. Сведоци сме дека секојдневно со вашите активности кои пред сѐ се однесуваат во насока на хуманитарни акции, помош кон оние што им е најпотребна и непосредна интеракција со младите имате во најмала рака несвојствен пристап, во перцепцијата на луѓето дека свештените лица се дел од некој затворен систем. Дали сите овие ваши активности почнуваат да даваат резултати, колку луѓето ја менуваат перцепцијата за црквата пред сѐ младата популација?
Акциите што ги правиме воопшто не се во насока на пиар, т.е. заради менување на нечиј поглед, туку се израз на љубов. Тоа се прави од љубов и како милосрдие, кое е христијанска доблест која е резултат на љубов. Ослободени сме во тие активност од секаква потреба, единствен предизвик е да помагаме, макар и нечујно. Секако, се објавуваат тие активности, со цел да покажеме со пример како треба христијански да се постапува, но и заради сведоштво дека Црквата прави дела и во оваа насока. Социјалната дејност не е основната мисија на Црквата, не е нејзината суштина, туку произлегува, е производ на тоа за кое постои Црквата. А тоа е спасението.

4. Сведоци сме на се поголемата отуѓеност кај луѓето, секојдневно слушаме дека како нација се повеќе сме склони кон конзумирање на лекови за душевните проблеми, како и дали може луѓето за своите духовни проблеми да најдат помош во црквата и свештенството, кој е начинот денешниот човек во црквата да го зацврсне своето духовно здравје?
Духовните проблеми, а и воопшто сите проблеми, произлегуваат од недуховното живеење. Или човек што не живее духовно, не знае да се соочи, не знае како да го толкува и надмине проблемот, односно искушението. Само човек што живее воцрковен начин на живот, што живее низ светите тајни на Црквата – е духовно здрав. Секое отпаѓање од тој начин на живеење, ги донесува духовните болести или нивните симптоми. Искуството на Црквата укажува дека сите оние „залутани“ во овој свет, а кој ќе бидат прибрани од Црквата, наоѓале избавување. Првиот пристап е преку светата тајна Исповед, при која, во разговорот со свештеникот, човекот го соблекува од себе сето она што го тишти и го довело до стадиумот во кој се наоѓа. Така, каејќи се за своите дела и добивајќи поука од свештеникот, ние го разбиструваме својот ум и треба појасно да ги видиме нештата. Ако вистински се покаеме и на покајанието го додадеме и трудот, што е многу важно, зашто без труд ништо не бива, тогаш полека ќе се зацврстуваме и ќе оздравуваме. Потоа ќе ја придружиме на тој процес и молитвата – разговорот со Бога, што е многу важен сегмент, па редовното присуство на богослужбите, читањето на Светото Писмо и духовната литература, секојдневниот подвиг – изразен преку постот и борбата со сопствените страсти и со искушенијата, и на крајот сето тоа ќе го крунисуваме со причестувањето со светото Тело и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Тоа е боговостановениот спасителен пат.

5. Вие сте дел од Синодот на Македонската православна црква, како успевате да пловите во овие „немирни“ времиња, дали столбот на црквата на Светите Кирил и Методиј и Светите Климент и Наум Охридски е во опасност да биде срушен?
Природата на Црквата, но и на христијанството е патувачка, тие секогаш одат кон целта, сѐ до исполнувањето на ветеното време, кое нема да трае и да завршува. Црквата и христијаните се секогаш во борба: со искушенијата и страстите, со предизвиците. Се надевам дека во секое време, и пред секое невреме и во секоја благопријатност, ќе најдеме утеха и смисла во искуството на Црквата. Столбот на Црквата е Христос, а Него никој не може да Го урне. Самиот кажа за верата и за Црквата дека вратите на пеколот нема да ги надвладеат. А сѐ што прорече Господ, се исполни.

6. Ваше високо преосвештенство Ви благодариме за поканата за ова интервју, кои се вашите пораки за претстојниот најголем Христијански празник – Христовото Воскресение?
Најпрвин да бидеме во храмовите, ревносно стоејќи на богослуженијата што Црквата ни ги нуди како сладост во овие денови. Да бидеме сплотени и едномислени, за со едно срце и една душа да Го славиме Бога. Да се каеме и поправаме, и да простуваме. Како што вели и црковната стихира пред почетокот на Воскресенската Литургија: да простиме сѐ со Воскресението.
Разговарал: Петар Саздовски

prevzemeno od:http://digitalnews.mk/1mitropolitso-g-josif-za-veligden-da-bideme-vo-hramovite-so-edno-srtse-i-edna-dusha-da-go-slavime-boga/