Недела четиринаесета по Педесетница
29.09.2024 г. Недела четиринаесета по Педесетница, Недела по Крстовден,Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф,во Соборниот храм св.Кирил и Методиј -Тетово, богослужеше света литургија.На светата литургија верниот народ се причести со светите тајни. Во својата беседа митроплитот г. Јосиф истакна:Оваа парабола за човекот цар кој направи свадба за својот син, светата Црква нѐ поучува да не се залажуваме дека ако одиме во Црква почесто или поретко, тоа значи дека сме вистински христијани и само заради тоа ќе бидеме удостоени со блажен живот. Оваа парабола нека ни послужи посериозно да се замислиме за нашите постапки, за нашиот живот и да се потрудиме светите цркви за нас да не бидат само градби, туку да ни послужат за вистинско преумување преку покајание, исповед и правење на добри дела. Така ќе можеме да се надеваме на Божјата милост и да веруваме дека Семилостивиот ќе ни се смилува.Оваа парабола има своја алегорична смисла.Многупати досега сме го слушнале толкувањето на оваа споредба.Сепак, да се потсетиме дека во приказната за големата гозба, по повод свадбата на царскиот син, светите отци ја гледаат Црквата, ја гледаат благодатта, светите Тајни, а особено, светата Тајна Причест. Домаќинот, царот, кој приредува свадба е нашиот Спасител. Неговата куќа е Црквата, а богато сервираната маса е светата Причест. Исус, Кој е Бог и Господ, ги поканува сите да дојдат. Ниту еден домаќин во светов не е во состојба да понуди нешто повеличенствено од Христа, Кој со Својата човечка и божествена природа е леб и вино за нас – леб за вечен живот и вино за бескрајно блаженство. А на свадбата, на која сме поканети, Он на Својата маса ни го сервира непроценливото богатство на Својата благодат.Меѓутоа, факт е дека многумина од поканетите не се отповикале на поканата да дојдат на свадбата. Едни заминале „на нива“, други „по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија“ (22: 6). Повиканите учтиво се извинуваат. Небесниот Отец им нуди спасение и небесна слава, а тие велат дека земните интереси и радости за нив се поважни. Свадбата е слика на вечното блаженство, а поканетите, замислете, ѝ даваат предност на сегашноста.Мојата порака до вас кои сте денес тука во овој храм во Тетово е да не заборавите дека Црквата Христова е коработ на Спасението. Како што тогаш единствените луѓе кои се спасиле од потопот биле оние во коработ, така спасението на денешниот човек е можно само во мисловниот кораб-Црквата. Единствено во неа луѓето се преобразуваат, стануваат светли, добиваат образ. Не дека стануваат безгрешни далеку од тоа но, и кога ќе згрешат знаат дека треба да се покаат и да се вратат повторно при Бога. Не треба да го занемариме и тоа дека кај активните членови на Црквата борбата со злото е многу поголема отколку кај оние што се надвор од неа, или недоволно се трудат во добродетелите. Злото од овој свет не се бори со оние кои веќе ги владее, туку со оние што упорно му се спротивставуваат. Свети Јован Златоуст вели: Црквата е болница, а не судница. Таа не ги осудува нашите гревови,туку ги простува.Добро знаете дека сите кои сме крстени сите го носиме печатот на Светиот Дух. Сите ние сме членови на земната Црква. Но, не можеме сите да бидеме членови и на небесната, доколку за тоа соодветно не се подготвиме.За тоа ни се потребни свадбени облеки,како што слушнавте во денешното прочитано евангелие, а за жал не сите од нас ги имаме тие облеки. Затоа и гостинот кој не бил соодветно облечен бил изгонет од свадбата.Бог од нас ќе побара свадбена облека, односно добродетели во нашиот овоземен живот.Затоа во Евангелието се вели: „Мнозина се повикани, но малцина избрани".Амин.