Недела деветнаесетта по Педесетница
03.11.2024 Недела деветнаесетта по Педесетница, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенство од Гостиварското намесништво, отслужи света Божествена Литургија во црквата ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар. На литургијата верниот народ се причести со Светите Тајни. По литургијата во целосно реконструираната и обновена црква св. Атанасиј во с. Чајле-Гостивар, митрополитот г. Јосиф го освети новиот крст кој беше поставен на куполата од храмот. Во својата беседа митрополитот им заблагодари и пофали ктиторите и обновителите на храмот и меѓудругото истакна: Ние денеска се собравме во овој свет храм, за да го осветиме новиот крст на обновениот храм посветен на св. Атанасиј Велики. Колку е прекрасно и достојно за пофалба, кога со љубов се украсува домот Божји и неуморно се ревнува за благолепието на храмот Господов! Крстот е и најверниот пријател на секој православен христијанин, од моментот кога ќе се родиме па до нашата смрт. И гробот на секој христијанин се обележува со Крст. Знакот на крстот го ставаме на нашите гради, на нашите работни места, во нашите домови, во нашите автомобили и како што пее Црквата: “Крстот е чувар на целата Вселена, Крстот е красота на Црквата, Крстот е утврдување на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и рана за демоните”. Крстот е не само најсвет и најомилен, туку и најнезаменлив христијански симбол. Без него не може да се замисли Црквата на Распнатиот Христос. Храмот не е само да не потсетува на историските настани, туку тој има и духовна сила, бидејќи ни напомнува на зборовите на св. ап. Павле за тоа дека секој човек - „е храм Божји, и дека Духот Божји во нас живее.” (1 Кор. 3, 16). Каков е нашиот храм? Дали не е затрупан со куп камења и дали не е осквернет со лоши дела? Но, Црквата преку зборовите на богослужението не повикува: „Обновувајте се браќа”. И стариот гревовен човек да го оставиме и во нов живот да живееме, исполнет со добродетели и добри дела, на што не повикува Господ Исус Христос со целокупната Своја мисија, преку светата Црква. Бог да ги благослови сите добронамерни ктитори и луѓе кои помогнаа да се обнови храмот и да се постави светиот крст на храмот. Светиот Крст да нè чува сите и нека ни биде знаме на победата, на вистинската и вечна радост! Амин!