НЕДЕЛА НА СТРАШНИОТ СУД
Во Лешочкиот манастир,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија.Верниот народ се причести со светите тајни.Своја беседа по прочитаното евангелие изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи: Оваа недела вниманието на Црквата е свртено кон Евангелието за Судот Божји (Мт. 25, 31-46) на кој што недостигот на дела на љубов ќе нѐ покаже виновни пред Бога.
Во својата пракса за духовна подготовка на душите на верните пред почетокот на Чесниот пост, Црквата Божја, меѓу другото, ни припомнува и за Второто, славно Христово доаѓање на земјата и за Неговиот последен, неподмитлив суд на секоја душа човечка.
Првиот пат Христос не дошол со бучна и видлива за секого слава, туку тивко, ненаметливо, во крајно смирение. Никому не го наметнал со сила Своето спасително учење, туку со најголема љубов повикал: „Кој сака, нека врви по Мене“. Меѓутоа, при Второто пришествие, Он ќе се покаже не во вид на слуга и на непознат, туку во сето Свое Божествено величие, опкружен од сите сили небесни, и никој нема да праша: „Кој е Овој?“ – бидејќи сите ќе Го видат и познаат. И тогаш од секое човечко суштество ќе биде побарана одговорност, како од разумно битие.