Недела на Страшниот суд и Месопусната недела

На 23.02.2025 година, во Недела на Страшниот суд и Месопусната недела, и на празникот на св. свешт-мч. Харалампиј, во храмот „Св.Кирил и Методиј"-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф.На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна:Нашата света Православна црква, како грижлива мајка, се грижи за своите духовни чеда.Таа се грижи за спасението на нашите души.Црквата, минатите недели, нè подготвуваше изнесувајќи ни повеќе примери. Започна со примерот на фарисејот и цариникот, преку блудниот син и еве оваа подготвителна недела е на Страшниот суд.Го слушнавме, браќа и сестри, денешното Свето Литургиско Евангелие, кое говори за Страшниот Суд, за денот на гневот Господов.Денес светата Црква нè потсетува токму на Праведниот Христов Суд, како подготвително размислување за деновите од великиот пост кои наскоро ќе започнат. 
Тој ден е денот кога Господ Бог ќе се појави во светот само во Своја­та правда. Го очекуваме ли ние тој ден или не, сепак, тој ќе дојде, зашто Божјото Слово доволно убедително ни сведочи за тоа.Господ Исус Христос по вторпат ќе дојде на земјава, но овојпат како Праведен Судија, Кој ќе им суди на живите и на мртвите.Во тој ден Он ќе му го открие на целото човештво само лицето на Својата вечна правда. Да се потсетиме дека и светиот апостол Павле нè учи: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да примил што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2. Кор. 5: 10).Како што знаете ,а и ќе забележите дека во православното календарче оваа недела се нарекува месопусна.Месопусна недела (наречена уште и Недела на Страшниот Суд) се нарекува „месопусна“ бидејќи после неа, за време на сите денови кои следат (до Велигден),Црквата пропишала ограничен пост – воздржување од месо. Оваа недела е третата подготвителна недела од Посниот Триод, литургиска книга која се користи за службите во Великиот Пост.Се подготвуваме за влез во Светата и Велика Четириесетница.Да го зголемиме нашиот подвиг уште повеќе,да го возљубиме Бога и човекот.Да не заборавиме вистинскиот пост не е само воздржување од храна од животинско потекло, туку е и воздржување од жедта за матријалното.Тој исто така е воздржување од алчноста, но и од себичната желба за владеење над другите. Постот е ограничување на секоја лоша мисла, збор или дејствие што ја намалува љубовта кон Бога и кон ближниот.Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е  заштитничка на нас грешните и недостојните, на Св.Харалампиј чиј спомен исто така денес празнуваме, Господ да ни даде сили да поживееме достојно и чесно, за да се најдеме од десната страна на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Амин!