Недела на Светите Отци на Првиот вселенски собоp
На ден 01.06.2025 - Недела на Светите Отци на Првиот вселенски собор, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, отслужи Света Божествена Литургија во Лешочкиот манастир. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа, говорејќи за Неделата посветена на Светите Отци од Првиот вселенски собор, Митрополитот г. Јосиф меѓудругото нагласи: Се уште мојата радост е голема, бидејќи во вчерашниот ден сослужував на светата литургија со нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан и браќата архиереи, во старата базилика во Стоби. Годинава се навршуваат илјада и седумстотини години од Првиот вселенски собор одржан во Никеја во 325 година, а на кого присуствувале и тројца македонски епископи: Александар Епископ на Солун, Будиј Епископ на Стоби и Дакиј Епископ на Скупи. Присуството на македонски епископи на овој Собор е историски показател за длабоките корени на христијанството во Македонија, односно за тоа дека во тој период, на нашиве простори веќе постоел организиран христијански живот со добро раководена Црква и црковна заедница. Овој ден се сеќаваме и на светите 318 отци собрани во Никеја, на Првиот вселенски собор. Тие се потрудиле да ги постават основните постулати на христијанската вера. Тие се бореле против кривите учења и го составиле првиот и основниот символ на вероисповедањето, кој подоцна беше дополнет. Отците го исповедале и го потврдиле Богочовештвото на Синот Божји. Тие го поставиле темелот на догмата дека Синот Божји е едносуштен и еднаков по чест со Отецот. Тие го осудиле кривото учење на Ариј кој го хулеше Синот Божји, дека не е истоветен и равен со Отецот. Заедно со богохулниот Савелиј, двајцата беа осудени од Соборот. Светите отци им фрлија анатема на нивното криво учење, на ереста. Отците прогласија дека Синот Божји е едносуштен и совечен на Отецот, со еднакво достоинство со Него. Да внимаваме браќа и сестри бидејќи секоја ерес, секое погрешно учење ја разнебитува Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Црковната историја и токму настанот на кој денес се сеќаваме и го славиме, доволно ни зборуваат дека ересите секогаш се појавуваат како плод на гревот на човекот, како плод на гордоста, како резултат на егоистичноста на човековата личност, која наместо во центарот на своето постоење да го стави Бог, се поставил самиот себеси, и со текот на времето истиот постанал мерило за сите свои постапки и извор на единствената вистина. Нажалост такви луѓе понекогаш добиваат и црковна власт и тогаш настануваат проблеми и соблазни, па дури и ереси. Потребно е да ја разликуваме вистината од лагата. Како верници потребно е да си ја познаваме верата наша православна и да веруваме и да опстојуваме во неа со сите наши сили. На тој начин ќе успееме да знаеме кој пастир е од Бога и кој ја говори вистината, која сме должни да ја браниме и сочуваме чиста. Никогаш да не се поставуваме себеси за мерило на духовниот живот, туку истиот да го довериме на свештениците и на тој начин сите правилно да одговориме на повикот, да допринесуваме кон заштитата, да бидеме чувари на Светото Православие, бидејќи ние немаме ништо посвето од нашата вера. Да бидеме бодри и будни на духовната стража, како што биле будни Светите Отци од Првиот вселенски собор, кои денеска ги прославува светата Црква. Амин!