Недела на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор
На ден 16.06.2024 - Недела на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф,отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм Успение на Пресвета Богородица-Гостивар. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа, говорејќи за Неделата посветена на светите отци од Првиот вселенски собор, Митрополитот г. Јосиф, меѓудругото нагласи: ,,Првиот вселенски собор се одржал во Никеја, во 325 година, во времето на царот Константин Велики. На Првиот вселенски собор учествувале голем број значајни светители, меѓу кои особено се истакнуваат:
Николај Мирликиски, Спиридон
Тримитунтски, Атанасиј Александриски, Ахил, Пафнутиј, Јаков Нисивиски, Макариј
Ерусалимски, Александар Александриски, Евстатиј Антиохиски, Евсевиј Кесариски, Митрофан Цариградски, Јован Персиски,
Аристак Ерменски и многумина други. Од такви свети луѓе беше составен оној свештен Собор, судејќи го Ариј новаторот кој погрешно учел дека Христос не е Син Божји – рамен по божество со Бога Отецот. Свештениот Собор го лишил од свештенство, а неговата најбезбожна и богоборна ерес ја подложи на анатема. Православното учење браќа и сестри е дека Логосот, Синот Божји, е предвечен и совечен со Отецот и Светиот Дух, Кој од Него (од Отецот) постојано се раѓа, а во времето се родил како човек од Пресвета Богородица. Првиот вселенски собор во Никеја го
составил Символот на верата, првите 8 членови и донел и 20 канони. Соборот го утврди и времето за годишното празнување на Христовото Воскресение. Првиот вселенски собор има и посебно историско значење. Да внимаваме браќа и сестри секоја ерес, секое погрешно учење ја разнебитува едната, света, соборна и апостолска Црква. Црковната историја и токму настанот на кој денес се сеќаваме и го славиме, доволно ни зборуваат дека ересите секогаш се појавуваат како плод на гревот на човекот, како плод на гордоста, како резултат на егоистичноста на човековата личност, која наместо во центарот на своето постоење да го стави Бог, се поставил самиот себеси и со текот на времето истиот постанал мерило за сите свои постапки и извор на единствената вистина. Нажалост такви луѓе понекогаш добиваат и црковна власт и тогаш настануваат проблеми и соблазни, па дури и ереси. Потребно е да ја разликуваме вистината од лагата. Како верници потребно е да си ја познаваме верата наша православна и да веруваме и да опстојуваме во неа со сите наши сили. На тој начин ќе успееме да знаеме кој пастир е од Бога и кој ја говори вистината, која сме должни да ја браниме и сочуваме чиста. Никогаш да не се поставуваме себеси за мерило на духовниот живот, туку истиот да го довериме на свештениците и на тој начин сите правилно да одговориме на повикот, да допринесуваме кон заштитата, да бидеме чувари на Светото Православие, бидејќи ние немаме ништо посвето од нашата вера".