Недела на Закхеј
На 29. 01. 2023 - Недела на Закхеј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во Лешочкиот манастир. Верниот народ се причести со Светите тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф нагласи: ,,Денешниот неделен ден во црковниот календар се нарекува Недела која е посветена на богатиот Закхеј. Денешната недела е прва недела која нè потсетува на приближувањето на Великиот Пост. Драгоцен и поучен е денешниот евангелски пример за сите нас. Сите ние, треба длабоко во себе да ја осознаеме нашата огревовеност и духовно несовршенство, па со срце скрушено и со мисла покајничка да посакаме да Го видиме Господа. Да ги отвориме нашите духовни очи, за да ја видиме Божјата семилостивост и љубов кон сите нас. Да Го побараме Бога во нашите души, како што Он не бара нас, кога сме загубени во гревот и злото. Да се поучиме од денешното свето Евангелие, па и ние да отфрлиме од нашите срца и души секакви лоши мисли и постапки. А преку тоа, да направиме достојно место во нашите срца, за да може и кај нас да влезе Господ Христос. Господ, да ни го даде покајанието и љубовта на Закхеј, но и усрдността да Го следиме". Амин!