Недела по Богојавление

22.01.2023 Недела по Богојавление, митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм св.Кирил и Методиј -Тетово.Верниот народ се причести со светите тајни.Во својата беседа митрополитот г.Јосиф нагласи:Единството во Црквата Христова не е покажување добра волја кон другите, туку тоа е исполнување на заповедта и волјата Божја. Светата Црква тоа и го прави од најстари времиња, секојдневно, во сите богослужби, молејќи се за мир во целиот свет, за благосостојба на Божјите Цркви и за соединување на сите .Мирот што Спасителот Христос му го даде на овој свет, треба да е во нас, во нашите срца. А тој мир, пред сѐ, е мир со Бога и мир со ближните. Впрочем, Самиот наш Бог е мир, и таков мир треба да имаме меѓу сите Цркви, советува свети апостол Павле (сп. I Кор. 14, 33). А, да правиме да го придобиеме тој мир, значи да се трудиме Бог да се всели во нашите срца, како што запишал свети апостол Јован Богослов.Преку молитвата, пак, се доживува вистинското единство, и само преку молитвеното единство можат да се надминат сите пречки и недоразбирања. Молитвата ја облагородува љубовта кон другите, таа зближува и ги зајакнува духовните врски меѓу луѓето и народите. И само човек со љубов кон Бога, има љубов и за – луѓето! Таквата љубов поттикнува и вдахновува кон единство и со Бога и со сите луѓе, за да се соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христа.Нам, на христијаните, кои се угледуваме на Христа и чиј единствен идеал ни е Христос, ни доликува да го стекнуваме духовниот мир и да го шириме меѓу луѓето. Мирот е одлика на човек што љуби и само таквиот човек, кој го познава и живее мирот, може да го запази единството на Духот.