Неделата на митарот и фарисејот
На ден 05. 02. 2023 година - во Неделата на митарот и фарисејот, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во Соборниот храм ,,Кирил и Методиј" во Тетово.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа, на која меѓудругото истакна: ,,Со оваа недела настапува подготвителниот период за прослава на Празникот над празниците, односно на светлото Христово Воскресение. Овој пат е Велигденскиот пост, кој е период на испитување на нашата совест, период на покајание за нашите гревови и пат на издигнување на нашите души. На тој пат, ако појдеме без Господа и без Неговата благодат која Он ја дава на секого од нас, ние сме ништо. Светите отци велат: „Не гордеј се, човеку, зашто си прав и пепел". Наредните три празника: Неделата на митарот и фарисејот, на блудниот син, и на Второто доаѓање (Недела месопусна) треба да послужат како еден вид подготовка, поука за почетокот на постот, како да се подготвиме за духовниот подвиг на постот и како да се ослободиме од вообичаените скверни навики. Денешното Евангелие ни поставува два примера. Едниот е фарисеј, а другиот цариник (Лк. 18, 10). Пред нас се двајца кои се молат пред Бога. Но, Срцевидецот Господ открива со какви тајни помисли е исполнето срцето на секого од нив. Во што е разликата меѓу овие двајца? Навидум, разликата е многу едноставна и очигледна: првиот извршувал сè правилно, а вториот сè неправилно! Првиот стоел на вистинското место во храмот, во правилна поза, со очите подигнати кон небото, со зборови исполнети со благодарности и пофалби, а вториот стоел онаму, каде што не било добро за стоење, со поглед вперен надолу, а од неговите гради излегувале само воздшки и лелекања. Значи, разликата е доволно јасна. Нивните животни патишта битно се разликувале и разминувале. Сепак, кардиналната разлика меѓу нив се состои во нешто друго, а тоа е состојбата и подготвеноста на нивната душа да се појави пред Бога онаква, каква што е навистина. Митарот, иако јавен и признат грешник, бил свесен за тоа и затоа немал изговор за својата бедна состојба во која се наоѓал, а фарисејот, иако исполнувал сè според Законот, сепак, не нашол храброст да ја наведне својата глава пред Семожниот Спасител, туку гордо и надуено се фалел со своите способности. Секој кој се понижува ќе биде воздигнат, секој кој се воздигнува ќе биде понижен и затоа Бог на гордиот ќе му допушти искушенија за да си ја скрши гордоста, да се понижи и да се смири и на тој начин да си ја спаси душата. И ние да се молиме заедно со смирениот цариник. Да се потсетиме дека сме недостојни и сето она што го имаме ни е дадено од Неговата голема љубов и поради Неговото големо трпение". Амин.