Неделата на митарот и фарисејот

На ден 09.02.2025 година - во Неделата на митарот и фарисејот, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица" во Гостивар. Верниот народ се причести со Светите Тајни. 
По завршувањето на литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Мојата денешна беседа ќе ја започнам со една убава мисла која што ја прочитав неодамна кај старец Тадеј: ,,Луѓето често судат без да знаат за внатрешните борби на ближните. Ако само знаеја што има во срцето на ближниот, би се исполниле со сочуствителност".
Со оваа недела настапува подготвителниот период за прослава на Празникот над празниците, односно на светлото Христово Воскресение. Овој пат е Велигденскиот пост, кој е период на испитување на нашата совест, период на покајание за нашите гревови и пат на издигнување на нашите души. На тој пат, ако појдеме без Господа и без Неговата благодат која Он ја дава на секого од нас, ние сме ништо. Светите отци велат: „Не гордеј се, човеку, зашто си прав и пепел". Наредните три празника: Неделата на митарот и фарисејот, на блудниот син, и на Второто доаѓање (Недела месопусна), треба да послужат како еден вид подготовка, поука за почетокот на постот, како да се подготвиме за духовниот подвиг на постот и како да се ослободиме од вообичаените скверни навики. Денешното Евангелие ни поставува два примера. Едниот е фарисеј, а другиот цариник (Лк. 18, 10). Пред нас се двајца кои се молат пред Бога. Но, Срцевидецот Господ открива со какви тајни помисли е исполнето срцето на секого од нив. Во што е разликата меѓу овие двајца? Навидум, разликата е многу едноставна и очигледна: првиот извршувал сè правилно, а вториот сè неправилно! Првиот стоел на вистинското место во храмот, во правилна поза, со очите подигнати кон небото, со зборови исполнети со благодарности и пофалби, а вториот стоел онаму, каде што не било добро за стоење, со поглед вперен надолу, а од неговите гради излегувале само воздишки и лелекања. Значи, разликата е доволно јасна. Нивните животни патишта битно се разликувале и разминувале. Сепак, кардиналната разлика меѓу нив се состои во нешто друго, а тоа е состојбата и подготвеноста на нивната душа да се појави пред Бога онаква, каква што е навистина. Митарот, иако јавен и признат грешник, бил свесен за тоа и затоа немал изговор за својата бедна состојба во која се наоѓал, а фарисејот, иако исполнувал сè според Законот, сепак, не нашол храброст да ја наведне својата глава пред Семожниот Спасител, туку гордо и надуено се фалел со своите способности. Секој кој се понижува ќе биде воздигнат, секој кој се воздигнува ќе биде понижен и затоа Бог на гордиот ќе му допушти искушенија за да си ја скрши гордоста, да се понижи и да се смири и на тој начин да си ја спаси душата. И ние да се молиме заедно со смирениот цариник. Да се потсетиме дека сме недостојни и сето она што го имаме ни е дадено од Неговата голема љубов и поради Неговото големо трпение". Ќе завршам со зборовите од схиигуменот Сава Псково-Печерски: ,,Имајте ги трите основни добродетели:
- Никого не осудувајте;
- Никого не мразете;
- На сите од сè срце проштевајте”. Амин!