Неделата на преп. Марија Египетска
На 06.04.2025година, во Неделата од петтата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во храмот св. Никола-Тетово, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија на која што чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа, говорејќи за оваа петта недела посветена на преп. Марија Египетска, Митрополитот г. Јосиф меѓудругото нагласи: Оваа недела од Велигденскиот пост светата Црква ја посветила на преподобна Марија Египетска. Верувам дека многумина од вас, денес овде присутни на оваа литургија, во овој храм во Тетово, сте го прочитале нејзиното житие кое не може, а да не нѐ остави восхитени од тоа што ќе го прочитаме. Во деновите на пост и покајание, споменот на оваа Божја угодничка се покажува посебно спасоносен и значаен за нас христијаните. Сите ние сме потопени во гревови. Така, многумина наоѓајќи се во грев, паѓаат во очајание и тешко им е да соберат сила за да се издигнат од тој валкан живот. Токму во оваа насока, поучно и утешително нам грешните може да ни послужи целокупниот живот на света Марија Египетска, кој е восхитувачки поради нејзините големи подвизи. Да размислиме за нашите гревови, но тие да не нѐ соблазнат и одведат во очај. Еве, пред нас имаме пример на голема грешница и на големото милосрдие Божјо, кое сѐ простува. Да не допуштиме привлечноста кон гревот да не поробува и да го намалува стремежот за поправање. Преподобна Марија Египетска била голема грешница, но со подвизите успеала да ги победи телесните задоволства и така се издигнала над пороците, уподобувајќи се по чистота на ангелите. Преку овој пример, нашата свeта Црква не повикува да го исползуваме овој временски период за покајание, пост и молитва. Да ги отсечеме сите наши слабости, страсти, гревови и престапи. Да ги засакаме правдата, милосрдието, љубовта и да правиме добри дела. Па така, и ние да се очистиме од сите наши престапи и достоинствено да се соединиме со Господа Бога. Наоѓајќи се сеуште во овој Велигденски пост, а прославувајќи ја и света Марија Египетска, да се обидеме да отфрлиме од нашиот ум, срце и волја секакви суетни мисли и постапки, кои ќе не оддалечуваат од Христа Бога, од Неговата правда и љубов, а преку тоа и од Неговата благодат. Амин!