Неделата на Самарјанката
14.05.2023 во Неделата на Самарјанката, во Соборниот храм Пресвета Богородица - Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите тајни. Во својата беседа митрополитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Ако нашите молби и прозби се искрени, чесни и пропратени со силна и непоколеблива вера, Бог е подготвен да ги услиша. Тогаш, Бог ќе испрати жива вода преку Светиот Дух да ги очисти нашите срца и души од секакви нечистотии. Исполнети со Божјата благодат, ќе можеме искрено и чесно да го славиме и величаме името Божјо, како вистински чеда на Црквата Христова, измолувајќи милост за спасение на нашите души. Денешното евангелие потребно е да го разбереме сите, без исклучок. Ако сакаме да ја имаме таа вода, која ќе нè напојува во бесконечни векови, која ќе ја соедини нашата душа со Господа, која ќе нè поткрепува на сите патишта од нашиот земен живот, која ќе го осветлува и осветува нашиот животен пат, која ќе го насладува нашето срце со радост и блаженство, тогаш, да тргнеме по Христа, да веруваме безрезервно во Христа и Он ќе ја згасне секоја жед во нас. Ако нашата душа ја напоиме уште денес овде, во овој храм и на оваа света Литургија со живата вода која истекува од непресушниот извор – Христос Спасителот, со водата на Божјата благодат, тогаш, да бидеме сигурни дека никогаш повеќе нема да зажеднееме. Бог го направил Својот чекор кон нас, Он нѐ чека при изворот на Својата љубов. Останува на нас да пристапиме кон Него и тогаш сѐ ќе се промени.