Обраќање на Вселенскиот патријарх: „Не е во опасност верата, туку верниците“
(Притиснете на СС за македонски превод)
Браќа и чеда во Господа,
Од Фанар, од срцето на Цариград, од градот на Света Софија, на Великата Црква, ви се обраќам вам, возљубени лица, на секој еден и на секоја една, по повод неприликите, искушението што го поминуваме како човечки род, поради сесветската закана од пандемијата на новиот коронавирус, познат како Covid-19.
Словото на Црквата, Мајката Црква, не смее да отсуствува. Нашето слово, значи, е онакво како што сме научиле од искуството на вековите: евхаристиско, поучително, укрепително и утешително.
Искрено им благодариме на сите оние што пожртвувано се борат и се забораваат себе си и своите семејства: лекарскиот и болничкиот персонал што се наоѓа покрај нашите ближни што страдаат, истражувачите и научниците специјалисти што бараат соодветна фармацевтска терапија и спасителна вакцина, но и на сите што активно се занимаваат со спречувањето на оваа пандемија. Вашиот придонес, возљубени, е бесценет. Тоа е придонес за целото општество. Тоа е жртва достојна за секоја почит и благодарност. Ви благодариме и сите заедно ви ракоплескаме, не само од балконите на нашите домови, но секој миг, од нашето срце. Нашите мисли и нашите молитви се со вас.
Во оваа борба, координираните власти, државите и соодветните здравствени управи имаат главна одговорност за планирањето, исправното соочување и надминувањето на оваа криза. Некој би можел да ги опише како војсководци во битката за соочување со невидливиот, но веќе познат, непријател. Еден непријател насочен против целото човештво. Оваа одговорност, која тие ја понесуваат на своите рамена, задолжително бара соработка од сите нас. Сега е време за индивидуална и социјална, заедничка одговорност.
Затоа, деца мои по целата земја, татковски ве поттикнувам да се покорувате во целост и со трпение на сите тешки, но потребни мерки кои ги пропишуваат здравствените установи и државите. Сè ова е за наша заштита и за општо добро, за запирање на ширењето на вирусот. Значи, нашето ослободување од неговата штета зависи потполно од нашата соработка.
Можеби некои од вас почувствуваа дека со овие драстични мерки се потценува или се повредува верата. Но, она што е во опасност не е верата, туку верниците, не е Христос, туку нашите Христијани, не е Богочовекот, туку ние луѓето. Нашата вера е длабоко втемелена во корените на нашата цивилизација. Нашата вера е жива и никоја вонредна ситуација не може да ја ограничи. Она што е потребно да се ограничи се собирите, големото концентрирање на луѓе, поради овие вонредни услови. Да останеме дома. Да се заштитиме самите и да ги заштитиме оние околу нас. Таму, секоја и секој од нас да се помоли за целото човештво, утврдени врз силата на нашето духовно единство.
Овој период ќе го доживееме како патот низ пустината, за да стасаме безбедно во Ветената земја, кога науката, со Божја помош, ќе ја добие битката со вирусот. Зашто ние сме сигурни дека таа, заедно со нашите молитви, ќе ја добие. Тогаш, значи, добро е да сме сите заедно овде, обединети духовно, продолжувајќи ја борбата на покајанието и осветувањето.
Ги гледаме нашите ближни како страдаат од последиците на вирусот, други веќе подлегнаа и си отидоа од нас. Нашата Црква се моли за излекување на болните, за покој на душите на жртвите, но и за сила и укрепување на семејствата на погодените.
И ова искушение ќе помине. Ќе поминат облаците и Сонцето на правдата ќе го очисти смртоносното влијание на вирусот. Но, нашиот живот веќе ќе биде променет. И искушението е една прилика да се промени на подобро, во насока на зацврстување на љубовта и солидарноста.
Чеда во Господа, благословот Божји, по молитвите на Пресвета Богородица, Благовестителката, нека биде присутен во животот на сите нас, нека ја претвора доброволната изолација во вистинско општество, нека се оствари нашата молитва и нашата цел, нека се оствари нашата смисла и нашето враќање кон сè што е вистинито, кон сè што е на Бога угодно!
Добра сила! Бог со нас!
Prevzemeno od bigorski.mk