Осмата недела по Педесетница

На 18.08.2024 година, во Осмата недела по Педесетница, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова Литургија во Лешочкиот манастирот. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Своја беседа по прочитаното евангелие изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи: Денешниот евангелски расказ, остава длабок впечаток дека Спасителот не ги оставил гладни оние, кои претпочитале да Го следат и да ја нахранат својата душа со Неговото слово. Он на чудесен начин ги наситил. И на многу други места во Евангелието Христос нè уверува дека, ако најнапред го бараме царството Божјо, сè друго ќе ни се даде. А ние постапуваме обратно. Ние најнапред ги бараме земните богатст­ва и задоволства, па дури најпосле, ако остане време, патем можеме да помислиме и за царството Божјо. А има и такви кои и целиот свој живот не сакаат да помислат на Бога и Неговото царство, а сакаат да живеат само за овој свет, слично на бесловесните животни. Оној Кој му дава храна на сиот овој свет и Кој ја утврдил целата вселена и ги храни сите живи суштества, не би можел да нахрани над пет илјади луѓе? Што е тоа за Создателот на сета твар? И навистина, Господ направил такво чудо и ги нахранил со телесна храна луѓето, кои најнапред гладувале за Словото Божјо, го барале Царството Божјо. Од ова чудо браќа и сестри нѐ поттикнува, исто така да извлечеме поука и дека Бог сака да бидеме едноставни, скромни, задоволни со она што го имаме и да не ропотаме. Треба секогаш да ги запамтите овие зборови: Не како ти што сакаш, туку Бог што ти дава и сака. Божјата Промисла се грижи за нас, така што и нашите најмали телесни тешкотии не остануваат незабележани од Негова страна. Како последица на тоа, секој од нас при телесна тешкотија треба вака да размислува: оваа болест или друга незгода е последица или на мојата невнимателност или на човечката злоба или на нешто друго, но во секој случај не би се случила без Божјата Промисла, која ја одредила според моите сили, така што нејзиниот почеток и нејзината тежина (ослабување или засилување) зависи од Него. На ист начин од Божјата Промисла зависи и начинот на исцелување на тегобата. Тој го вразумува лекарот и укажува на средствата, или се спротивставува на сè, бидејќи и доброто и лошото, животот и смртта, сиромаштијата и богатството се од Господа. Не се чуди што Божјите судови се таинствени и несфатливи: на Второто доаѓање Христово, во денот на Страшниот Суд, животот на секој човек ќе биде претставен како во огледало. Ќе биде разјаснета и секоја причина заради која Божјата Промисла го уредила овој или оној настан.Промислата Божја за нас нема граници. Он невидливо нѐ води. Ништо не се случува без волјата Божја.