Oтсекување на главата на Свети Јован Крстител
11.09.2024 На чествувањето на споменот на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенство од Гостиварското намесништво, отслужи света Божествена Литургија во црквата,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар. На литургијата верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна:
Драги браќа и сестри,
денеска го прославуваме Свети Јован Крстител и Претеча на нашиот Господ Исус Христос.
Споменот кон св. Јован отсекогаш бил еден од најраширените во Православната Црква. Тоа го сведочат и многуте храмови посветени на него, како и многуте реликвијари што ги содржат неговите чесни мошти, распространети ширум светот. Најпосетувани места се оние каде св. Јован Претеча е роден, местото каде што тој ја извршувал својата служба и местото каде што била отсечена неговата света глава. Неговиот лик, односно неговата икона се наоѓа во секој наш православен храм, веднаш до ликот на Господа Исуса Христа. За ликот на светиот Јован Крстител сведочи и Самиот Спасител: ,,Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител” (Мт. 11, 11). Поминати се дваесет века, а тој останува и стои исправен како кула – светилник која им го покажува патот на спасението на луѓето. Останува како високо ѕвоно на кое ништо не му наштетило низ времето и како звук на камбана кој ги буди заспаните совести. Св. Јован Крстител стои исправено и помага со своите молитви и со својот пример. Неговата историја е голема учителка во минатите времиња, ќе остане учителка и во наше време, но и во сите идни времиња. Св. Јован Крстител и Претеча Господов проповедал покајание. На луѓето им велел дека по него доаѓа Христос и Нему треба да Му се покоруваат. Мисијата на светиот пророк и Претеча била поврзана со проповедта за покајание. Без сознанието за покајание, човекот е неспособен да ги осознае и сопствените гревови. Таквиот човек е неспособен да го открие своето срце пред Севишниот Бог. Покајанието е неминовно и тоа е прв чекор кон спасението. Покајанието не е едновремен чин, туку чин кој се повторува низ целиот наш живот, односно, од млади години па сè до длабока старост. Со идејата и со идеалот за потреба од покајание, треба да се започнува и да се завршува секој ден. Ако ние, секој ден се обраќаме со молитва и со покајание кон Бога, а за простување на нашите гревови, тогаш, нема да живееме во гревот, туку ќе живееме во Бога. Но запомнете, колку повеќе ќе се обидуваме да се издигнеме кон височините, кон Бога, толку посилно ќе бидеме искушувани од непријателот на родот човечки, кој како лав рика и сака некого да проголта. Наоѓајќи се денес овде во овој храм во Гостивар, да се подучиме од животот на Свети Јован. Да се сетиме на неговата цврста и непоколеблива вера, неговата правдољубивост и вистинољубивост, неговата недволичност, искреност и чесност. Овие принципи да ги усвоиме и во нашите животи, па постапувајќи и живеејќи така, да измолиме милост Божја. Нека му е вечен споменот на Светиот Славен, Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, а Спасителот наш Господ Исус Христос, преку неговите молитви нека нè помилува и спаси нас грешните. Амин! На крајот да ве потсетам дека денес е посен ден, а добро знаете дека покрај четирите пости во годината, црквата востановила и еднодневни пости. Еднодневни пости се и следниве денови:
Водокрст-денот пред Богојавление, Отсекување на главата на свети Јован Крстител, Воздвижение на Чесниот Крст.
Во Сабота и Недела никогаш не се држи строг пост, освен на Велика Сабота, која е единствената Сабота. Да не заборавиме дека заедно со постот од храна, треба да се грижиме и за постот од страстите. Во многу црковни химни и во учењето на Светите Отци, се истакнува дека постот е целосен само доколку истовремено се трудиме и за двете работи: постот од храна и постот од страстите. Имајте благословен ден. Св. Јован да се моли за сите нас. Амин!