Oтслужен последниот акатист на Пресвета Богородица во овој Велик пост
На 19.04.2024 година, во попладневните часови, во Соборниот храм ,,Св. Кирил и Методиј"-Тетово, беше отслужен последниот акатист на Пресвета Богородица во овој Велик пост, на кој чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј Ѓорѓи Сламков, протоереј Предраг Исаевски, протоереј Жарко Мицковски, протоереј Александар Стојаноски, ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски. По завршувањето на Акатистот, митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на којашто меѓу другото нагласи: Браќа и сестри, како што е познато, нашата Света Православна Црква, навечер во петоците од првите пет седмици во Велигденскиот пост, служи посебна служба кон Мајката Божја, која се именува со „Акатист на Пресвета Богородица“. Денес го богослужиме последниот акатист во Великиот пост. Ме радува што ве гледам во голем број дојдени верници овде во Соборниот храм во Тетово, да и оддадеме чест на Пресветата Богородица. Од свештената историја на нашата Црква, знаеме за големото застапништво низ вековите дадено на сиот човечки род од страна на Пресвета Богородица. Во мигови кога се чувствуваме оставени поради нашите гревови и гледаме дека гневот Божји е врз нас, тогаш имаме посебна потреба од милоста на нашиот Создател. Како може гневот Божји да го замениме со милост, кога со својата дрскост пред Бога ја губиме благодатта? Ниту Божјите угодници тогаш не се осудуваат да се молат за нас, токму поради нашите големи престапи. Тогаш, кон кого да се обратиме и од кого да очекуваме помош за нашето спасение? Од онаа, која според благодатта постанала наша Мајка. Таа е надеж на безнадежните, прибежиште на грешниците, Мајка на христијаните – Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. Затоа, секој грешник, колку и да е грешен и да се наоѓа во безизлез, ограден од гневот Божји и е без никаква помош, треба да го побара покровот и застапништвото на Света Дева Марија. Знаеме дека најголем дел од вас тоа го правите и знаете, но важно е да го напомнеме уште еднаш, за да ја утврдиме верата во застапништвото на Божјата Мајка за сите нас. Ние знаеме дека многупати Бог се смилувал на луѓето кои згрешиле, токму по застапништвото на праведниците, кои биле само слуги Божји. Пресвета Дева Марија се јавила како Богомајка, а со тоа и како Мајка на целото човештво. Затоа и светата Црква достоинствено ја прославува и слави Пресветата Дева Марија со многу песни во нејзина чест, знаејќи дека во никој друг нема таков помошник пред Бога како што е Мајката Божја. Да побрзаме пред Богородица и да паднеме пред неа во покајание, извикувајќи и од длабочината на душата: „Радувај се, на телото мое исцеление и на душата моја спасение“. Запомнете браќа и сестри, секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог Исуса Христа, нѐ сочуваа и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите. Нека е за многу години и живи и здрави, по молитвите на Богородица да го дочекаме Христовото Воскресение!