Педесетница – Духовден, во храмот „Пресвета Богородица“ во Гостивар
04.06.2023 На Педесетница – Духовден, во храмот „Пресвета Богородица“ во Гостивар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на повеќемина свештенослужители отслужи света Литургија. Веднаш после Божествената Литургија, согласно типикот, митрополитот г. Јосиф ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух. Во својата беседа митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна: Денес, педесет дена по Христовото воскресение, а точно на десеттиот ден од Вознесението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, на празникот Педесетница или Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите - Духовден се исполнуваат Христовите зборови, ветувањето кое им го дал на своите ученици, светите апостоли: „И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора“ (Лука 24,49). Послушни на ветувањето од својот Учител, од денешното апостолско четиво слушнавме дека светите апостоли престојувале во Ерусалим, пребивајќи „заедно и еднодушни“ (Дела 2,1) го очекувале слегувањето на „Духот Утешителот“ (Јован 14,16), „Духот на вистината, Кој излегува од Отецот“ (Јован 15,26), а Кој во вид на огнени јазици слегол врз апостолите, кои просветлени со божествениот дар од Светиот Дух веднаш започнале да го проповедаат Евангелието на разни јазици и мноштво на верни, крштевајќи ги, ја формираа Светата Црква пред цели дваесет века. Просветлени од Светиот Дух, посакувам овој значаен празник и зеленилото кое го симболизира животот даден на секој човек преку слегувањето на Светиот Дух, постојано да Ви влева нови духовни сили во надминувањето на искушенијата, кои секојдневно се појавуваат во нашите животи. Да се молиме и да живееме православно, пребивајќи во Црквата Божја за да Духот Свети никогаш не нѐ напушти, бидејќи без Неговата благодат и енергии ние не можеме да живееме. Верувајќи во Троичниот Бог: Отецот и Синот и Светиот Дух, да живееме светотаински, да се воцрковуваме и да ги практикуваме редовно светите тајни, преку кои ни се даваат благодатни енергии за преуспевање во светот и даровите на Духот, кои се: правичноста и правдата, мирот и мирољубивоста и радоста. Кога овие дарови ги поседува христијанинот тој е смирен, може да прости, да ги сослуша другите и да ги разбере, затоа што тој човек расудува христоцентрично и светоотечки. Нека тие дарови и благодатта на Светиот Дух биде постојано со сите за да вистински ја прославуваме Пресветата и Животворна Троица – Едниот Бог во Три Лица, сега и секогаш и во сите векови. Амин!