Петокот од Петтата Недела од Великиот пост

На 31.03.2023 г. во Петокот од Петтата Недела од Великиот пост Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештенството од храмот Пресвета Богородица-Гостивар, отслужи Повечерие со Акатист кон Пресвета Богородица. 
Ова беше последното и целосно читање на Акатистот за овој пост. По молитвите на Пресвета Богородица, Бог да ни даде сили да ја искористиме благодатта од претстојните покајни великопосни дни и да го дочекаме Светлото Христово Воскресение. Говорејќи пак за значењето од читањето на Акатистот, Mитрополитот г. Јосиф во својата беседа меѓу другото нагласи: Денес го отслуживме последниот петти акатист во Велигденскиот пост и повторно ја величавме и восхваливме Пресветата Богомајка – Богородица и секогаш Дева Марија, Која е наша постојана застапничка и закрилница пред Нејзиниот Син и наш Бог, Господа Исуса Христа. Сите ние во изминативе пет недели, секој петок ја славевме Пресвета Богородица, и преку акатисните песни ја молевме во овие дни на Великиот пост, кога се трудиме духовно да напреднеме преку духовни подвизи исполнети со пост, со молитва, со покајание и воздржување - и Таа да биде со нас и да ни помага дните на постот успешно да ги завршиме, за на денот на Христовото воскресение, сите заедно да ликуваме. Ние преку акатистите и благодариме на Пресвета Богородица за сè што направи и прави за нас. Самиот акатист, според православната химнографија е химна на благодарност, која содржи ирмоси и кондаци, односно благодарствени песни, кои кога се пеат не се седи, туку се стои. Имаме акатисти посветени на светители, на Господа, на чудотворни икони, како и во спомен на Пресвета Троица и на Честниот Крст. Но, во најширока употреба е овој акатист посветен на Пресвета Богородица познат како „Храбра наша војвотко“. Затоа, браќа и сестри, да ги упатиме повторно нашите погледи кон Пресвета Богородица и повторно да ја помолиме - Таа да биде наша Лествица небесна и да ни биде Мајка, Која ќе биде наша утеха и патеводителка не само во дните на овој пост, туку и преку целиот наш живот. Да продолжиме и во нашите домови да практикуваме да го читаме акатистот на Пречистата Дева и воскликнувајќи и: „Радувај се, Невесто Неневесна!“ и ние да се радуваме, оти Бог ни ја дал Својата Мајка да ни биде пример, закрила и помош на патот кон спасението, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е за многу години и живи и здрави, по молитвите на Богородица да го дочекаме Христовото воскресение!