Петокот од првата седмица на Великиот пост
На ден 03. 03. 2023 година, во Петокот од првата седмица на Великиот пост во храмот „Света Петка“ во Гостивар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Литургија на претходноосветени Дарови. На Светата Литургијата верниот народ се причести со претходноосветените Христови Тајни. Во својата беседа говорејќи за постот Митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: „Молитвата и постот, според зборовите на св. Јован Златоуст, се „две крилја со чија помош душата се воздигнува кон Бога“. Постот не е цел самиот по себе, туку е средство за постигнување на посовршен духовен живот. Вистинскиот пост не се состои само во тоа да не јадеме мрсно; најважно е да не си допуштаме да грешиме. Црквата уште од почетокот на постот нè повикува да постиме не само телесно, туку и духовно. Вистинскиот пост во себе треба да ги содржи и сите добродетели: покајнието, смирението, милосрдието, телесниот подвиг итн, а пред се молитвата. Постот без молитвата и останатите добродетели е само една обична физичка дисциплина, диета па дури и суета и прелест. Постот е токму периодот кога ние, како верници, треба да се анализираме како живееме, како постапуваме, како се молиме на Бога и како се однесуваме кон луѓето околу нас. Периодот на Великиот пост за нас христијаните е време во кое треба да се оддалечиме од сите светски суети и да се насочиме кон внатрешно делување задлабочувајќи се во нашата душа. Постот е најпогодниот период за сериозна работа над себе си. Кога човек се подготвува да појде на пат, тој треба да ја знае целта на своето патување. Истото се однесува и на Великиот пост. Постот е пред сѐ духовно патување, а негова крајна цел е Пасха -Воскресението, Велигден. Постот ни е даден за да го почувствуваме присуството Божјо во својот живот. Апелирам до сите православни верници од мојата епархија во овој период од постот поактивно да се вклучат во црковно-богослужбениот живот на Црквата, почесто да бидат присутни во храмот Божји, во Коработ на спасението, во Црквата Божја, собрани во послушание и доверба кон епископот и своите свештеници“.