Петтата недела по Педесетница

28.07.2024 во Петтата недела по Педесетница, во храмот „Успение на Пресвета Богородица” во Гостивар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света Литургија. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Со своја беседа по прочитаното евангелие се обрати митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото истакна: Овој пример од денешното прочитано евангелие прикажан со свињите, многу ни зборува и поучува. Може да ни послужи како непобитен доказ за разорната сила на злите духови. Кога Господ би им допуштил, тие, со нивната злоба и омраза кон родот човечки, би можеле, за еден миг истиот да го уништат. Но, за нашиот Семилостив Бог, ништо не е повредно и помило од човекот. Од човекот, кого Он од љубов го создал, за кого постојано се грижи и го дарува со најбогати дарови. За кого, од љубов Го испрати и Својот Возљубен Син Господ Исус Христос да се жртвува на крстот. Да се жртвува за да го подигне родот човечки кој беше паднат, за да го препороди и да му даде вечен и блажен живот во заедница со Отецот Небесен. Запомнете дека ако Христос е со нас и во нас, тогаш ќе нема место за нечистите сили. Треба да знаеме дека Господ Исус Христос, за демонските сили е вечен и праведен Судија и од Неговото име тие се плашат и треперат. Ѓаволот, низ целата историја, постојано се труди некого да заведе и да го натера да тргне по неговиот убиствен пат. Да се помолиме браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели, на Светите Апостоли и на Сите Свети, преку нивните молитви Господ да ги очисти нашите души, од сите демони кои денеска се присутни кај нас, а тие демони се: демонот на злобата, зависта, прељубата, блудот, пријанството, развратот, многубоштвото, разбојништвото, кавгите, расправиите и од сè што е нечесно и недостојно. Запомнете дека  лошите духови не би можеле да му наштетат на човекот, доколку тој самиот не им допушти да навлезат во него, преку оддавањето на страстите и гревовите. Затоа, да се трудиме во воздржание од задоволување на гибелните страсти. Потребна е духовна борба и трезвеност на умот, борба со помислите. Секогаш да бидеме селективни со што се занимава нашиот ум, кој, пред сè, треба да е насочен кон молитвата, кон просветлението со словото Божјо, да се храни со зборовите на Светото Писмо и со поуките од светите отци. Знајте дека нашите непријатели со сите свои лукавства се наоѓаат под раката на нашиот Божествен војсководец Господ Исус Христос, во чија чест и слава ти војуваш. Ако Господ задоцни за да ти ја даде потполната победа над непријателите и ако ја одложи до последниот ден на твојот живот, знај дека и тоа го прави само заради твоето добро, само ти не отстапувај и не престанувај да се бориш со сета своја снага. Макар да бидеш и рануван, не го отфрлај оружјето и не бегај од бојното поле.