,,Постот во православната црква"

01.12.2023 Во Лешочкиот манастир Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф одржа предавање на тема ,,Постот во православната црква". Пред верниците кои беа присутни од Тетово и Гостивар Митрополитот говореше за постот и неговата суштина и неговите плодови за секој христијанин. Во 40 минутното предавање Митрополитот меѓудругото нагласи: Браќа и сестри започна Божиќниот пост, нека ни е благословен и лесен. Ви благодарам што денес сте тука во Лешочкиот манастир и што сте изразиле желба преку вашите свештеници да одржиме предавање на тема за Постот. Православната Црква го пропишала, покрај Велигденскиот пост, уште и Божикниот пост, Апостолскиот - Петровденски пост и Успенскиот - Богородичен пост, потоа денот пред Богојавление, денот на отсекувањето на главата на светиот Јован Крстител и празникот Воздвижение на Чесниот Крст - Крстовден. Секој пост си има своја тежина и своја суштина. Постот е израз на љубов на созданието кон Создателот. Постот е востановен од Бога со запо­ведта да­дена на првите луѓе во земниот рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2: 17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување. Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: све­тиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 де­­на и 40 но­ќи (2. Мој. 34: 28), за да се подготви да ги прими Де­сет­те Божји заповеди; светиот пророк Или­ја со строг пост, духовна чистота и голема рев­ност за Господа се удостои да ја види Божјата сла­ва (3. Цар. 16: 4-13). А пак, свети Јован Крс­ти­тел е познат како најголем и најстрог испосник. Во­општо, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка.
Самиот Господ Исус Христос се подготвил за се­оп­што служење и за искупителниот подвиг пре­ку 40-дне­вен пост (Матеј 4: 2). Суштината на христијанскиот пост не е умртву­вање на телото, како што погрешно се мисли, туку умртву­ва­ње на гревот во нас, зашто гревот предиз­ви­кува пропаст и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, пос­тот му дава мож­ност на духот да владее со телото. Постот не е цел туку средство – средство да ја смириме сопствената плот и да се очистиме од гревовите. Без молитва и покајание постот станува една обична диета. 
Кога христијанинот пости треба да се откаже од се­­как­ви светски веселби и задоволства, од по­се­ту­ва­ње на мес­та каде што е возможно да згреши со по­мис­ла, збор, или со поглед. Воопшто, треба да се стре­миме, колку е мож­но повеќе, поголем дел од мис­лите да му ги пос­ве­ти­ме на Бога и на тајната ум­но­срдечна молитва. Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него. Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите свети добродетели.
Според мислењето на митрополитот Антониј кој неодамна го прочитав на едно место вели: Пост е време за напори да се откажеме од сите гревови, но пред сѐ да се потрудиме да се избавиме од лаги.„Црквата нѐ учи дека вистината е – љубов. Љубов кон Бога и ближниот. Нема ништо повозвишено од таа вистина и постот е еден од патиштата да ја достигнеме. Преку постот човекот понира подлабоко во својата душа и согледува што е тоа што пречи во неговото срце да се зацари главната христијанска добродетел – љубовта. А патот кон љубовта е можен само преку вистината и отфрлањето на лагата“.
 ,,Постот ни е даден за да го почувствуваме присуството Божјо во својот живот“.
Нема вистинска обнова на човечкото битие, нема промена во човекот, вистинска, морална, духовна, економска, душевна, без постот. Нема поважна должност, токму за модерниот човек од неговото враќање кон постот. Постот – како длабинско преумување, пренасочување на целокупното човечко битие, како подвиг на човекот како што би рекол Солжењицин, на самоограничување, на воздржание, воспитание, на својата волја, на својата слобода. Тој и таков пост е нешто кое Црквата го проповеда од памтивек.  
По подробното предавање следуваа прашања од страна на гостите, кои направија ова предавање да премине во една поучна систематско-практична дискусија, од која сите  извлекоа многу душеполезни знаења, заклучоци и поуки.