Пренос на моштите на светиот Атанасиј Велики
На 15.05.2023 година, денот кога го празнуваме празникот Пренос на моштите на светиот Атанасиј Велики, патријарх Александриски, во храмот „Св. Атанасиј Велики“ при Лешочкиот манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски, протоереј Ѓорги Сламков и ѓакон Славчe Ѓорѓески. Верниот народ се причести со Светите тајни. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Денес, покрај сеуште Воскресенската радост, нашата света Црква прославува еден од големите учители на Црквата Христова, поточно го прославува светиот Атанасиј Велики, молитвениот заштитник на Лешочкиот манастир. На дeнeшниoв дeн сe празнува прeнoсoт на нeгoвитe мoшти и чудата oд иститe. А живoтoт на oвoј гoлeм свeтитeл e oпишан на 18 јануари. Овој блажен маж, својот овоземен живот го завршил пред речиси 17 века. Но, неговиот спомен, неговото име и неговите дела живеат, светат и ја просветлуваат секоја христијанска душа која го прославува и го чествува како угодник Божји. Тој бил голем теолог, ревносен пастир, голем поборник за вистинската и чиста вера, но истовремено маченик и исповедник, кој поголем дел од својот архиерејски живот ќе го помине во заточеништво и прогонство. Сите тие подвизи и неправди, светиот Атанасиј достоинствено ги поднел за Христа Бога, за светата Православна вера, не отстапувајќи од ништо, дури и по цена на својот живот. Затоа, светата Црква во неговиот тропар го велича како столб на Православието и пее:,, Велик си ти Атанасие слуго на Бога Живиот, исповедниче на православието". Сите ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет манастир во Лешок посветен на св. Атанасиј Велики, да се обратиме со искрена молитва кон овој Божји угодник. Да ни ја зацврсти верата, закрепи надежта, засили љубовта, како кон Бога така и помеѓу себе, па достоинствено да го носиме името христијани.