Преображение Господово
На ден 19.08.2023 година Преображение Господово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света Литургија во храмот Пресвета Богородица во Гостивар. На светата Литургија верниот народ се причести со светите Тајни. Согласно типикот и традицијата беше благословен и лозовиот плод - грозјето. Истиот ден во манастирот посветен на Преображението кој е во изградба во населбата Циглана - Гостивар Митрополитот ги благослови кумските лебови и грозјето. Во својата беседа митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна: Денеска ние го прославуваме Преображението Господово заедно со многумина православни по целиот свет. Тоа е голема радост, бидејќи имаме можност да се соединиме со многу народи и заедно со апостолот Петар можеме да ги кажеме зборовите: „ Добро ни е да бидеме овде”. Се поставува прашањето: „Зошто овде ни е добро?" Добро ни е, затоа што Господ со силата на Својата благодат, која потполно не иззема од овој свет, ни дава можност ние да дојдеме кај Него, очистени со благодатта на Светиот Дух, само ако кај нас постои и најмало покајание. Како што и Самиот Спасител Кој се вочовечи и воплоти, кога на Крштението Светиот Дух се јави врз Него и самиот Отец зборуваше: „Овој е Мојот возљубен Син" (Мт. 17, 5), така и на другите празници како што е денешниот, ние, гледајќи го чудото Божјо се ослободуваме од овоземните маки и незгоди и од сите болести и страданија, како духовни, така и телесни. Така, да се преобразува целиот наш живот по образот Божји, по образот на Синот Божји, по образот на Царството Божјо. Во тоа е и смислата на христијанството. Ако ние опстоиме и не се плашиме од никого и ништо, од никакви сили, ниту видливи, ниту невидливи, бидејќи силата на Преображенската слава Божја се пројавува во немоќта, преку Преображението. Така и ние, кои денес сме собрани во овој манастир овде во населбата Циглана да измолиме милост Божја, за да ги преобрази нашите срца и души. Па така, да Го засакаме Господа Христа и неговата спасоносна наука, за спасение на нашите души, сега и во сета вечност.