Преп. Сисој Велики

На 19.07.2024 год. На денот посветен на Преп. Сисој Велики, кој во Тетовскиот крај посебно се почитува овој светител, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света Златоустова литургија во параклисот посветен на “Св. Сисој Велики”– Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По литургијата беа благословени празничните кумски лебови и панагии. Свое слово изрече Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи: Со голема духовна радост, гледајќи ве во голем број собрани на молитва во овој дом Божји, ја започнувам денешната беседа за денешниот празник посветен на светиот подвижник Сисој Велики, заштитникот на децата, кој во нашиот тетовски крај има голем развиен спомен и почит што сведочи и изградбата на овој параклис посветен на денешниот празник. Светиот Сисој бил по потекло мисирец од земјата Египетска. Тој му бил ученик на светиот Антониј Велики. По смртта на својот голем учител се населил во пустинската гора наречена Антониева, според местото на подвигот на великиот негов свет учител. Со текот на времето, земајќи врз себе тешки подвизи толку се скротил самиот себеси, што стана незлоблив како јагне. Бог, заради неговата смиреност му дал голема благодат. Можел да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Во пустината поминал цели 60 години и постанал вистински извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што спознавајќи ја неговата мудрост му притекнувале, барајќи поука за преуспевање во духовниот живот. Тој постојано ги поучувал монасите и ги советувал. Им велел: „Какво искушение и да го снајде човекот, тој треба да ѝ се предаде на волјата Божја и да признае дека искушението се случило заради неговите гревови. Ако пак се случи нешто добро, треба да се каже дека станало по Божја Промисла.“ Пред да се случи неговата смрт лицето му заблескало како сонце, а неговите ученици - монасите што стоеле околу него ѝ се восхитувале на таа необична појава. При неговата смрт, кога го напуштил овој свет, преселувајќи се во Царството небесно, неговата земна одаја се исполнила со прекрасно благоухание. Светителот се упокоил во длабока старост, во 429 година. Треба постојано да бидеме будни, да внимаваме како живееме зошто времето е брзо, а дните се лукави. Да го користиме времето созерцавајќи го сопствениот живот и дело. Сеќавајќи се на зборовите на светиот Сисој на Александровиот гроб често да си го поставуваме прашањето од Светото писмо: „Оти каква е полза за човекот да го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?”(Матеј 16,26). На тоа прашање да одговориме со нашиот подвиг, трудејќи се во овој живот да направиме дела достојни за покајание и за небесно Царство. На тој пат секогаш од помош ќе ни се советите на нашиот денешен светител. Ќе ја искористам оваа прилика да ја кажам денешната поука браќа и сестри и да го завршам ова мое слово, пренесувајќи Ви еден совет на светиот Сисој, еден духовен рецепт за начинот за правење богоугодни дела, кој ќе ни биде од голема полза на сите нас. Некој монах го праша авва Сисој: „Како да Му угодам на Бога и да се спасам?“ Му одоговори светителот: „Ако сакаш да Му угодиш на Бога, излези од светот, оддалечи се од земјата, остави ја тварта, пристапи кон Создателот, соедини се со Него со молитва и со плач и ќе најдеш спокојство и во овој и во оној век“. Така и ние мили мои, излегувајќи од суетата на светот – влегувајќи што почесто во овој свет храм и молејќи се на Бога и живеејќи според Неговите свети заповеди, ќе успееме да се соединиме со Него и да преминеме од смрт во живот, славејќи го Бога, сега и секогаш и во сите векови. Амин!