Преподобната мајка Параскева
На 27.10 2023 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобната мајка Параскева, во храмот „Св. Петка“ во Гостивар, беше отслужена Света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, ереј Мартин Андоноски и ѓакон Славчо Ѓорѓески. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која помеѓу останатото истакна: „Денес согласно црковниот календар на нашата Православна црква се собравме во овој храм во Гостивар литургиски да го одбележиме блажениот спомен на од нас секогаш торжествено прославуваната мајка, преподобната Параскева. Ние денеска ја прославуваме света преподобна Параскева - Петка, и не би сакале да зборуваме за нејзиното житие, бидејќи истото ни е релативно познато, секако на некого повеќе, а на некого помалку. Ниту света Петка, ниту сите останати Божји угодници, независно дали се маченици, светители, преподобни и слично, никој од нив не се родил како светител. Сите имале пат по кој живееле и се издигнале на таа височина, да се уподобат да бидат светители во Царството Божјо и да бидат прифатени и прославувани од светата Црква, како Божји и свети угодници. Само со нивен труд и подвижништво, сигурно не ќе можеле да ја постигнат зададената цел, да бидат свети, како што е Свет и нашиот Отец Небесен (Ис.11; 44). Тие тоа го оствариле со помош, поткрепа и содејствие на Светиот Дух. А, за да го придобијат Светиот Дух, да им биде помошник и содејствител, била потребна нивната чиста вера, добри дела како предуслов да се пројави тоа взаемно содејство и синергија, помеѓу Светиот Дух и човекот, а преку тоа и да се оствари светоста. Живеејќи во времиња на парадокси и последователни морални ерозии на интегритетот на човековата личност, кои го помрачуваат вистинското и правилното расудување и однесување на човекот, особено е значаен споменот на света Петка, поради нејзиниот идеален христијански и свет живот. Во ликот и делото на преподобната го имаме вистинскиот образец за тоа како треба да изгледа животот на христијанинот, на секој еден крстен човек. Од неа можеме да се научиме на кротост, смирение, трпение, храброст, љубов кон секој човек и на секоја друга морална вредност, која ни е потребна за да го сочуваме светот, себеси и другиот. Доаѓа време кога секој од нас, но и целокупното човештво ќе мора да каже стоп на гревот и неверието. Прославувајќи ја денес света Параскева - Петка, да се обратиме со искрена молитва и вера, како и кон останатите Божји угодници, тие да измолат милост Божја, па благодатта на Светиот Дух, да биде со нас. Преку тоа да можеме да го победиме секој грев и лоша мисла да одиме по вистинскиот Христов пат и да стасаме во Царството Божјо“.