Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието

На 05. 03. 2023 година, во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, во Лешочкиот манастир, беше отслужена света архиерејска Василиева литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски, ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. Верниот народ се причести со светите тајни. Своја беседа за Недела на православието изрече митрополитот г. Јосиф на која меѓудругото истакна: Денес, драги браќа и сестри, е светата Недела на Православието. Голема и света недела, која се нарекува токму така заради сите победи кои Православната Црква од Исток ги има извојувано над сите лаги, над сите ереси, над сите невистини, победа на Православието над сите лажни учења, лажни философии, лажни култури и науки, лажни школи и школувања, со еден збор, победа над сè она што го поткопувало Православието. Најмногу од сè, оваа Недела на Православието е востановена поради победата на вистинската вера над иконоборството. Овој празник бил воспоставен да се празнува во првата недела од Велигденскиот пост како благодарност на Господа Бога, Кој ѝ подарил на Црквата победа над иконоборците и над сите еретици преку Седмиот вселенски собор. Овој собор се одржал во 787 г. во Никеја. Соборот го осудил иконоборството како ерес и определил во храмовите и манастирите да се постават крстот Господов и светите икони и да се утврди нивното почитување, со воздигнување на умот и срцето кон Господа Бога, Божјата Мајка и светиите кои се изобразени. Како догма на православното учење се утврдило дека ние кога се молиме или се поклонуваме на иконите и на фреските, ние не ги обожуваме ликовите, туку ги почитуваме. Кога ги целиваме, пак, ние не го целиваме дрвото и металот, односно материјалот од кој е направена иконата, туку го почитуваме и целиваме ликот кој е изобразен на таа икона, а преку почитта на светиите, ние Го славиме и почитуваме Господа. Браќа и сестри да се обратиме со искрена молитва кон светите отци коишто придонеле да се зацврсти вистинското учење за светите  икони. Па преку нивните молитви да измолиме милост од Севишниот. Бог да ве благослови. Имајте лесен и благословен период од постот.