Рождеството на Пресвета Богородица
На ден 21 .09. 2023 година, кога го прославуваме празникот посветен на Рождеството на Пресвета Богородица во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Сараќино - Тетово, по повод јубилејот 100 години од осветувањето на овој прекрасен храм, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски, протоереј Жарко Мицковски и парохискиот свештеник ереј Вељанчо Огненовски и ѓакон Славчо Ѓоргески. Верниот народ се причести со Светите тајни. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач.Црковниот одбор по повод денешниот јубилеј на храмот на својот надлежен митрополит г.Јосиф му поклонија панагија со ликот на пресвета Богородица. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, истакнувајќи го значењето на храмот за секој еден верник и за самото село, ја искажа својата благодарност и радост за овој голем храмов јубилеј меѓудругото нагласувајќи: „Се радувам што во оваа година кога се исполнуваат првите десет години од формирањето на нашата Епархија, по молитвите на Пресветата Богородица, денес кога го празнуваме нејзиното раѓање, сме заедно тука во Сараќино да го прославиме не само храмовиот празник, туку и едно вековниот опстој на овој свет храм во кој ние пребиваме и ги принесуваме нашите молитви кон Пречистата Богомајка, чие што рождество, како што слушнавме од нејзиниот тропар, било причина за радост на целата Вселена, бидејќи се роди Таа од која засветли Сонцето на правдата - Христос нашиот Бог. Чуствувајќи ја денес таа празнична радост во овој храм кој оваа година по 100 пат од осветувањето го чествува својот празник, мора да кажам дека храмот е најважното место за секој еден христијанин. Храмот е душата на секој град и село. Она што е душата за човекот како личност и поединец, тоа е храмот Божји за едно населено место и за сите христијани. Сиот човеков живот, би рекол од раѓањето преку крштелниот купелот, па се до гробот е нераздвојно поврзан со храмот. Низ ова столетие во овој храм се случиле безброј радосни моменти, но тој е и сведок на многу тешки народни мигови, преживеал војни и останал да биде наше вечно духовно прибежиште, место каде што сите вие го наоѓате вашиот животен спокој. Затоа секој од нас треба да се труди и во иднина да го чува и запази овој храм, кој го изградиле Вашите предци и го оставиле на вас, а вие пак како залог треба да се трудите овој заеднички дом да го сочувате за вашите чеда и внуци, кои доаѓаат после вас. Храмот е најголемото заедничко наследство кое една генерација може да го добие од своите предци. Храмот е духовно лечилиште, место, каде што сите заедно како црковна заедница се осветуваме и богоуподобуваме за да го здобиеме вечниот живот. Да Му благодариме на Господа Исуса Христа и на Неговата милостива Мајка за сите добрини, кои ни ги подариле и да ги молиме постојано да не чуваат и пазат сите нас од секое животно искушение и да го сочуваат ова наше село и овој наш храм и за да уште долги години вашите поколенија во него Го прославуваат Троичниот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови! Амин! Нека е за многу години!