Седма недела по Педесетница

11.08.2024 Седма недела по Педесетница, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света Литургија во храмот ,,Пресвета Богородица"-Тетово. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Со своја беседа по прочитаното евангелие се обрати Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото истакна: За време на Својата божествена мисија Спасителот Христос направил толку многу чуда, така што светите евангелисти речиси и немале можност да ги запишат сите. Но, ете, тие одлучиле овој денешен евангелски настан да го запишат во своите евангелија и тој да се пренесува од колено на колено. Денешното евангелие браќа и сестри во Христа Бога, нè поучува дека нашата молитва мора да биде соединета со несомнена вера. Христос ги прашува слепите: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му рекоа: „Да, Господи!” Забележете, сега веќе не му велат: Сине Давидов, туку го исповедаат како Господ и Спасител.
Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!” - Што значи: нека ви биде според верата ваша? Верата е како белите дробови кои имаат одреден капацитет. Колку што собираат, толку можеме да вдишеме воздух. Колку што вера имаме, толку можеме да примиме од Бога. Така, неколебливата вера мора да биде во основата на секоја наша молитва, вера што не пресушува и при долго неисполнување на нашите молитви. Верата мора да биде соединета со добродетелта, а корен на добродетелта — е смирението. Смирената и неколеблива вера и кај нас, по примерот на денешното прочитано евангелие, може да се изразува во засилена молитва, пројавена макар со кратките зборови: „Господи, помилуј; Господи, помогни ми!” А, молитвата, освен за себе, мора да биде и за другите, за нашите ближни. Не е лесно да признаеме дека при очи сме слепи. Ако двајцата слепи од еванглескиот расказ ги мачела телесната слепотија, сите нас кои сме во овој свет храм, нè мачи духовната слепотија. Таа слепотија се пројавува преку негледањето на сопствените гревови и негрижата за сопствениот духовен живот. Таа слепотија е уништувачка за нашето спасение и нè води до ужасни последици. Токму затоа, кога паѓаме на молитва, да се потрудиме да просиме од Бога помош да ги отвори, пред сè, нашите духовни очи, за да можеме да започнеме со исправување на нашите животни патеки и нивно насочување кон вистинската цел. Господ Исус Христос е подготвен да помилува секого, само ако моли со вера и од срце, исто онака како што ги помилувал двајцата слепи. Секој кој од Него ќе добие духовен вид, ќе појде по Него и ќе Го прослави Бога. Затоа, да ја отфрлиме од нашето срце гревовната напластеност, сета духовна нечистотија, а од нашите очи духовниот мрак, за да можеме да Го видиме и да Го прославиме Бога.