Шеснаесеттата недела по Педесетница

24.09.2023г. Шеснаесеттата недела по Педесетница, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј Ѓорги Сламков, ереј Вељанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски. Верниот народ се причести со светите тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа по прочитаното евангелие на која меѓу другото нагласи: Христос преку оваа приказна за талантите ни изнесол прекрасна поука. Таа поука треба да биде правилно сфатена. Оваа парабола уште ни потврдува дека Бог е еднакво милостив кон сите луѓе, оти на секој создаден човек му дал понекој дар, на некој повеќе на некој помалку што не ја менува работата, бидејќи Тој повеќе бара од оној што повеќе примил. Но на секој му дал доволно, за самиот да може да се спаси и да му помогне на другиот. Сите луѓе без разлика се испратени во овој свет со по некој дар. Луѓето од Бога имаат примено различни дарби, различни таланти – некој пет, некој два, а некој еден. Тоа апсолутно не значи дека оној што примил еден талант, примил многу малку од Бога. Сепак, зборот талант, кој Христос го употребил во приказната, означува многу, зашто талантот во Римската империја бил крупна монета, во вредност од сто сребрени римски динари. А, Христос намерно во приказната нагласува дека господарот на слугите им дал таланти, а не ситни пари, со цел да нагласи дека и оној кој примил најмалку, сепак, добил доволно многу. Впрочем, ние секогаш забораваме дека животот и здравјето ни се дар од Бога, а тоа е еден највреден талант. Да се трудиме и ние да го зголемуваме и умножуваме талантот даден од Бога, па со право и достоинство да влеземе во радоста на нашиот Господ и да ги слушнеме зборовите од евангелието: „Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господар! Оваа парабола во нашите души внесува светлина, разум и спокојство. Таа нас не поттикнува  да побрзаме, да не задоцниме во исполнувањето на нашите обврски кон Бога и кон ближните. Затоа да го искористиме добиениот дар Божји-позајмениот талант од Господарот над господарите.