“Собор на 12те Апостоли” – Павловден3
На 13. 07. 2023 година “Собор на 12те Апостоли” – Павловден, патрон на градот Виница, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во храмот “Св. Архангел Михаил” во Виница богослужеше Света литургија. Верниот народ се причести со светите тајни. Своја беседа изговори Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, а меѓу другото нагласи:
Многумина можат да ни речат дека апостол Павле бил најсуров гонител на Христовата црква, односно на Христовите следбеници. Тој ги чувал дури и алиштата на оние кои го каменуваа првиот маченик за Црквата Христова, светиот архиѓакон Стефан. Не е спорно дека Савле, пред да биде Павле, бил ревносен фарисеј и строг исполнител на Мојсеевиот закон, и како таков бил непријател на Христа и на Неговите следбеници. Но сето тоа е во еден период кога Савле немал директен контакт или средба со Господ Исус Христос. Но одејќи на пат за Дамаск, во Сирија, и ќе Го сретне Господа Исуса Христа, и од средбата ќе ослепи, односно од сјајот и од блесокот на Славата Божја пројавена преку Господа Исуса Христа, тогаш Господ Христос ќе му го врати видот и кога Савле ќе Го праша: Кој си ти? Христос му одговара: Јас Сум Оној што Го гониш Исус Христос. Во тој момент, Савле ќе се преобрати во Павле и ќе постане најревносен сејач на словото Божјо помеѓу незнабожечките народи. Тој себеси повеќе пати ќе се нарече недоносче и најмал слуга Христов и покрај тоа што ќе претрпи страдања, тепања, затворања, сè заради Христа. Целокупното негово делување во ширењето на Христовата наука ги надминува сите останати апостоли со својот труд, со својата интелектуална и духовна подготвеност да поднесе подвизи во ширењето на Христовата наука. Затоа и Господ Христос го прима во бројот на дванаесетте апостоли и му ги простува сите негови престапи, пред да Го запознае Христа. Овој апостол, како избран сад Божји, ќе направи три мисионерски патувања во тогашниот познат свет. На сите тие патувања ќе претрпи многубројни страдања. Тој ќе напише повеќе посланија, утврдувајќи ја верата Христова кај оние цркви, кои тој ги основал. Но како кулминација на севкупната нивна припадност, и ап. Петар и ап. Павле ќе го запечатат нивниот живот со маченичка смрт и тоа во Рим. Првиот, ап. Петар, ќе биде осуден на смрт со распнување, но тој ќе замоли да не биде распнат со главата нагоре, како неговиот Учител Господ Исус Христос, туку како Негов недостоен слуга, со главата надолу. Додека пак ап. Павле ќе биде маченик, но како римски граѓанин, со отсекување на главата. Овој Божествен апостол по видението, доаѓа во Македонија и го проповеда Евангелието. Неговите свети апостолски нозе го допреле европското тло за првпат стапнувајќи на македонска земја. Ја покрстил првата Европејка – македонката Лидија. Ние македонците со посебен пиетет гледаме кон апостолот Павле. Тој на Македонија ѝ ја носи светлината на Божественото евангелие и нашиот Спасител Господ Исус Христос. И ние денеска, кои го прославуваме неговиот свет спомен овде во Виница, да му се обратиме со искрена молитва, тој да ја умножи нашата вера и Бог да ни даде разум духовен Христов, за да може секој еден од нас да види, дека сме повикани да Му служиме на Господа Исуса Христа и на Неговата Света Црква.