Спомен на свети Климент Охридски
На 08.12.2023 година, кога го празнуваме споменот на свети Климент Охридски, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово, богослужеше света литургија во сослужение на: протоереј-ставрофор Мирко Станковски,протоереј Александар Стојановски, ереј Илија Сламков, ереј Велјанчо Огненовски и ѓаконот Илија Деспотовски. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Во црковната и националната историја на македонскиот народ, ниедна друга личност не засветила толку и не оставила таков впечаток, такво дело како свети Климент, Охридскиот архиепископ и чудотворец. Неговата личност, со својата севкупност, направила најголем духовен препород меѓу нашиот народ. Со својата дејност како учител и книжевник, просветител и архиереј, тој ги поставил темелите на нашата духовна просвета, култура и Црква. Во свети Климент имаме севременски национален и црковен стожер во кого се сосредоточени и нашето минато и нашата иднина, имаме лидер кој во себе ги собира времињата и вековите, генерациите и личностите, имаме отец што ни го доближи небото и вечноста. Свети Климент не му припаѓа на минатото, туку на Оној кој е ист вчера, денес и утре. Но да не заборавиме една очигледна вистина, еден непобитен факт - сè што творел свети Климент и сите негови подвизи, сето тоа не би можело да се разбере, ниту да се објасни, без името на Христос. Господ Исус Христос бил и останал единствен двигател на Светиклиментовата личност. Затоа, во свети Климент, во светиклиментовото го гледаме Христа и Христовото. Светиклиментови сме зашто сме Христови. Господ да ве благослови и за многу години денешниот празник посветен на свети Климент Охридски - светителот кој треба да го запознаеме и знаеме, да го почитуваме и последуваме, да го прославуваме и чувствуваме како пастир, татко, пријател...