Св. Јован Крстител - Иванден
На 07.07.2024 година Св. Јован Крстител - Иванден во соборниот храм св. Кирил и Методиј - Тетово, во чест на празникот Раѓање на свети Јован Крстител - Иванден, беше отслужена света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на: Протоереј - ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Предраг Исаевски, протоереј Жарко Мицковски, ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. На литургијата верниот народ се причести со светите тајни. Свое слово изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото нагласи: Еве денес во овој прекрасен храм во Тетово се присеќаме на животот на овој Божји угодник кој нè поучува сите нас како треба и ние да го живееме нашиот овоземен живот, којшто е привремен. Денес не собра на торжество најголемиот меѓу родените од жена, Крстителот Господов Свети Јован. Со љубов го славиме и му пееме на неговото чудесно раѓање, кое е причина за радост на Црквата. Св. Јован ни дава патоказ, којшто нè води во вечен и блажен живот. Нашиот живот во овој век не е ништо друго освен пат кон идниот век. Па затоа, животот тука треба да го живееме внимателно, бидејќи имаме многу непријатели кои сакаат да не оттргнат и да не одделат од патот којшто води во вечен живот. Затоа и Синот Божји дојде на овој свет. За да ни ги отвори вратите на оној живот, кои ние со нашите гревови сме ги затвориле. Дојде за да ни го покаже патот по којшто треба да одиме, а ние од истиот тој пат сме се оддалечиле. Земниот живот е времен, но преку него се добива или се губи спасението. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Христов, чиешто раѓање светата Црква денес го прославува. Да се угледаме браќа и сестри на неговиот свет испоснички и подвижнички живот, кој бил исто така и храбар изобличувач на секакви подлости, страсти и гревови. Да бидеме мудри и да го послушаме нашиот небесен закрилник, Пророк и Претеча Свети Јован, па да се надеваме на милост Божја и на спасение на нашите души. Имајте честит и благословен празник. Амин !