Св. Кирил и Методиj
24.05.2024 На празникот Св. Кирил и Методиј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Златоустова литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ - Маврови Анови. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со беседа на која меѓу другото истакна: Во овој мајски ден, дојдовме во Маврови Анови, во ова светилиште со прекрасен поглед, да го прославиме споменот на Словенските просветители, учители и рамноапостоли, светите браќа Кирил и Методиј. Да се прослави нивниот споменот – значи да се потсетиме на нивниот живот и на нивното богоугодно дело. Но, не треба само да се потсетиме на нивниот живот, туку и да ја подржуваме нивната вера за да на тој начин одбележувањето ја добие својата потполна смисла. Светиот апостол Павле во Посланието до Евреите вели: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13,7) – токму тие зборови, сите ние денес ги слушнавме од апостолското четиво. И навистина треба да се сеќаваме почесто на нашите просветители, на оние кои го описменија словенскиот род. Во денешното евангелие, Христос нагласува дека „од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15,19) и дека „она, што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот“ (Матеј 15,18). Затоа драги верници – да си го сочуваме срцето чисто и да напредуваме во љубовта. Кога имаме љубов во себе, тогаш имаме љубов и за другите и го прифаќаме и другото, различното од нас, а кога немаме љубов во срцето – тогаш ние сме исполнети со злоба и нашите дела не се богоугодни и се лоши пред Бога.
Да се потрудиме, читајќи ги Светите Писма, преведени од патроните на овој храм, светите Кирил и Методиј, нашето срце да стане амбар, кој во себе ќе прими што повеќе добродетели, за да и ние како нашите рамноапостоли бидеме пример во верата, која треба сите да нè обедини, та заедно да Го прославиме Бога: Отецот, Синот и Светиот Дух и сега и секогаш и во сите векови!
Нека е за многу години храмовиот празник на ова светилиште овде во живописното Маврово и уште долги години да го сведочи богоозареното дело на рамноапостолите Кирил и Методиј. Имајте благословен ден. Честити да бидат кумствата и нека се молат за сите нас св. Кирил и Методиј. Амин!